Владата на седница донесе одлука за продолжување на рокот за изградбата на автопатот Кичево-Охрид кој почна да се гради пред една деценија по договор со кинеската компанија Синехидро. Новиот рок за овој автопат од 57 километри е донесен откако се појавија нови свлечишта и беше пробиен 31.12.2023., крајниот рок за пуштање на патот според предходните анекси на договорот.
Новиот рок е до крајот на 2026-та односно додадени се уште три години. Владата не посочи дали делници од патот во рамничарскиот дел на трасата ќе бидат пуштени порано бидејќи се скоро готови и нема ризик од свлечишта по нив. Целосното соопштение на владата во продолжение:
Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа Информација за потребата од донесување Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, заради склучување Анекс бр.6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог одредбите на дополнувањето.
Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога Изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница.
Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница.