Додека беше премиер на Велика Британија, Тони Блер се сретна со Џефри Епштајн на Даунинг стрит број 10 по препорака на лордот Питер Манделсон, кој беше отстранет од функцијата британски амбасадор во Вашингтон минатиот месец.
Новооткриените документи од Националниот архив покажуваат дека Епштајн го посетил Блер на 14 мај 2002 година, по предлог на Манделсон до тогашниот шеф на кабинетот на британскиот премиер, Џонатан Пауел, објавува лондонски „Гардијан“.
Манделсон беше отстранет од функцијата британски амбасадор во САД во септември, откако се појавија нови информации за тоа колку бил близок со осудениот сексуален престапник Епштајн.
Во времето кога му препорачал на Блер средба со Епштајн, Манделсон бил пратеник од Лабуристичката партија и близок соработник на Тони Блер.

Во е-пошта пред средбата со Блер, Менделсон му го опишал Епштајн на Пауел како „безбеден“ и „пријател“. Според документите објавени од Би-Би-Си, во брифинг од високиот државен службеник Метју Рајкрофт, Епштајн бил опишан како пријател на Менделсон и тогашниот американски претседател Бил Клинтон, како и близок до принцот Ендру.
Како што објави Би-Би-Си, Менделсон му напишал е-пошта на Пауел една недела пред состанокот: „Се сеќавате ли кога Клинтон се сретна со Т.Б. (Тони Блер) и рече дека сака да го запознае со неговиот пријател Џефри Епштајн?“
Менделсон рече дека Епштајн му бил и пријател и го опиша како активен претприемач и некој што „го има пулсот на многу светски пазари и валути“. Портпаролот на Тони Блер рече дека средбата Блер-Епштајн се одржала „долго пред злосторствата на Епштајн да станат јавно познати“.