– Норвешка денеска воведе нови санкции против Русија, со што се приклучува кон 11. пакет санкции на Европската унија, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата.
Новите санкции, меѓу другото, се однесуваат на забраната за транзит преку руска територија на стоки и технологија што може „да придонесе за зголемување на руските воени и технолошки капацитети или развој на одбранбениот и безбедносниот сектор“, а проширен е списокот на оружјето кое е забрането за продажба на физички или правни лица во Русија, се вели во соопштението.
Истовремено, забранет е увоз на руска нафта преку нафтоводи кои одат кон Германија и Полска, а проширен е списокот на производи од железо и челик, како и луксузни стоки, чиј увоз е забранет.
„Новиот пакет санкции има за цел да ги зајакне постоечките санкции и да го спречи нивното заобиколување. Ова е важно бидејќи е неопходно итно да се забави протокот на пари што Русија го користи за финансирање на бруталната агресорска војна“, изјави норвешката министерка за надворешни работи, Аникен Хјуитфелт.
Таа додаде дека санкциите стануваат посеопфатни и дека тие претставуваат силна и јасна европска реакција на „брутална агресорска војна на Русија во Украина“.
„Можностите за трговија со Русија стануваат сè помалку и со себе носат голем ризик“, рече Хјуитфелт.