Неодамнешна анкета во Турција открива значителна промена во јавното мислење за нуклеарното оружје, при што мнозинството испитаници сега го поддржуваат развојот на такво оружје како одговор на зголемените регионални тензии, особено по нападите на Израел врз Иран минатиот месец.
Анкетата ја спроведе агенцијата „Ресерч Истанбул“ во периодот од 1 до 5 јули, а во неа учествуваа 2.000 испитаници од целата земја.
Резултатите укажуваат на растечко чувство на несигурност кај турските граѓани во однос на националната одбрана и способноста на земјата да се справи со потенцијални закани.
Иако Турција е потписничка на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT) од 1979 година, кој законски ѝ забранува да развива, стекнува и тестира нуклеарно оружје, дури 71 процент од испитаниците веруваат дека Турција треба да почне да развива такво оружје, додека само 18 проценти се против тоа.
И покрај големите инвестиции на турската влада во одбранбената индустрија во последните години, довербата на јавноста во можностите на системот за воздушна одбрана останува ниска.
Речиси половина од испитаниците изразуваат сомнежи за ефикасноста на турската воздушна одбрана во случај на напад.
Неодамнешните успеси на иранските балистички ракети, кои успеаја да ја пробијат напредната воздушна одбрана на Израел и да предизвикаат значителна штета, дополнително ја разгореа дебатата во Турција за сопствените одбранбени капацитети.
Скептицизмот се протега и на сојузите. Според резултатите од анкетата, дури 72 проценти од испитаниците не веруваат дека НАТО ефикасно би ја бранел Турција во случај на напад.
„Сеприсутно чувство на надворешна закана“
„Овие резултати одразуваат растечка јавна вознемиреност во услови на ескалација на конфликтите на Блискиот Исток, Балканот и Кавказот“, рече Ерди Озтурк, професор на Лондонскиот метрополитен универзитет.
„Сеприсутното чувство на надворешна закана го принудува турското општество да разгледа безбедносни мерки кои претходно беа табу, вклучително и стремежот кон нуклеарна одбрана.“
Озтурк додава дека без оглед на долгогодишните политички поделби, безбедносните грижи сè повеќе го обединуваат турското општество околу заеднички начин на размислување.
За да се задоволат итните потреби на застарената флота борбени авиони, Анкара неодамна постигна договори за купување авиони Ф-16 и Еурофајтер како привремена мерка до испораката на сопствениот ловец од петта генерација – авионот Каан, кој се очекува да биде испорачан најрано во 2028 година.
„Многу граѓани веруваат дека Турција мора повеќе да се потпира на сопствените воени капацитети“, објаснува Озтурк, „особено затоа што тековните преговори за авионите Ф-16 и Ф-35 се придружени со растечки јавен скептицизам во врска со сигурноста на странските партнери“.
Досега, Анкара не даде никакви изјави, ниту презеде никакви чекори што би укажувале на истражување во областа на нуклеарното оружје.
Турција моментално ја гради својата прва нуклеарна централа, Аккују, во соработка со руската државна компанија Росат. Проектот вреден 20 милијарди долари, кој вклучува четири реактори со вкупен капацитет од 4.800 мегавати (MW), се очекува да произведе околу 10 проценти од вкупните потреби за електрична енергија на Турција по пуштањето во употреба следната година.
Озтурк понатаму истакна дека широко распространетиот скептицизам во врска со подготвеноста на НАТО да ја брани Турција е тесно поврзан со длабоко вкоренетите антиамерикански чувства, кои продолжуваат силно да ги обликуваат јавните ставови кон безбедносната и одбранбената политика.