Обвинителството бара замена на мерката „притвор“ со „куќен притвор“ за поранешниот министер за економија и државен секретар

Јавното државно обвинителство попладнево објави дека до Основниот суд во Кочан е поднесен предлог, со кој се бара на поранешниот министер и државен секретар во Министерството за економија да им се замени мерката „куќен притвор“ во врска со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Обвинителството не прецизира за кој поранешен министер за економија и поранешен државен секретар станува збор.

„Во согласност со фазата на постапката и веќе прибавените докази, обвинителството до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на претходно определената мерка притвор со мерка куќен притвор за двајца осомничени – поранешен министер и поранешен државен секретар во Министерството за економија, додека за 18 лица е предложено продолжување на претходно определените мерки притвор и куќен притвор. Судот ќе одлучи по предлозите на обвинителството“, се вели во соопштението.

Обвинителството информираше дека завршува сослушувањето на очевидците на настанот и дека интензивно се работи на неколку вештачења.

„Испитувањето на осомничените и другите лица се спроведува без отстапувања и во согласност со утврдената динамика. Интензивно се работи на неколку вештачења и се споредуваат податоците од анализата на запленетите електронски уреди“, цитираат од Јавното обвинителство.