Обвинителството бара продолжување на притворот и куќниот притвор за сите осомничени за пожарот во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани денеска до Основниот суд во Кочан достави предлози за продолжување на безбедносните мерки – притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани.

Како што е наведено во соопштението, само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнување на законските основи, се предлага мерката притвор да се замени со куќен притвор. Станува збор за двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и член на обезбедувањето на дискотеката.

Воедно, од Јавното обвинителство потенцираат дека продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во повеќе институции со цел да се испита евентуалната одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш откако јавниот обвинител ќе донесе соодветна одлука.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи утрото на 16 март животот го загубија 61 лице, а близу 200 се повредени.