Обвинителството ги истражува причините за пожарот во Визбегово: Бара притвор за лицата што ги нападнаа новинарите
Постапувајќи во врска со вчерашниот пожар во Визбегово, Основното јавно обвинителство во Скопјe објавува дека покренало итна постапка против две лица – маж и жена – за кривично дело Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
Постапката е покрената затоа што двајцата физички нападнале екипа – новинар и снимател од ТВ Алсат М и ги спречиле да ги извршуваат своите службени должности, поточно да известуваат за пожарот што се случил во близина на депонија за метал.
„Јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка на Основниот кривичен суд во Скопје за изрекување мерка притвор на осомничената, додека на осомничената ѝ беше предложено да ѝ биде одреден куќен притвор, бидејќи се грижи за две малолетни деца на возраст од 9 месеци и 3 години.“
„Мерките се предложени со цел нивно обезбедување, имајќи предвид дека покрај претходно споменатото кривично дело, обвинителството продолжува да ги истражува причините за пожарот со отпад во посед на осомничените и можните ризици што ги претставуваат по животот и телото на луѓето, имотот и животната средина. Во таа насока, вчера и денес се издаваат неколку наредби и упатства за обезбедување докази“, велат од Обвинителството.