Обвинителството ја отфрли кривичната пријава против директорот на АНБ, Бојан Христовски, за сертификатот за англиски јазик
Јавното обвинителство ја отфрли кривичната пријава против директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, за фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина.
Во извештаите се споменуваат јавно објавени податоци, според кои подносителот на барањето, при аплицирање за работните места директор во ЈП „Градски паркинг“ – Скопјe, асистент на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битолa и директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), користел сертификат за познавање на англиски јазик од Јазичното училиште „Јулија КО.ЛТД“ од Пловдив, Бугарија, кое, според сознанијата на подносителот на барањето, не спроведувало тестови TOEFL iBT, ниту издавало меѓународно признати сертификати како што се барало во огласот.
„По прегледот на комплетната документација од сите институции каде што подносителот на барањето аплицирал, се утврди дека, меѓу другите документи, тој доставил и Потврда од училиштето за странски јазици „Јулија Ко. ДОО“ со број Е-ЕНГ од 23.03.2022 година – курс за подготовка за испитот TOEFL, како и Потврда за положен испит TOEFL IBT од 26.03.2022 година со 75 поени, во која се наведува дека испитот е положен во домашни услови преку Испитниот центар за Република Бугарија.
„Овој сертификат издаден од ЕТС визуелно, по форма и содржина, се разликува од сертификатите што беа презентирани како прилог на кривичната пријава, во кои е наведено дека се издадени од правното лице „Јулија јазично училиште КО.ЛТД“, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека јавниот обвинител спровел и проверки на јавно достапни податоци во ETS – Службата за образование и тестирање, како единствена организација што е меѓународен тестер за TOEFL сертификати, а според упатството за спроведување на тестот TOEFL iBT за годините 2022-2023, јасно е дека во тој период постоела можност за спроведување на тестот за сертификат TOEFL iBT во домашни услови.
По спроведување на целосни проверки, јавниот обвинител заклучи дека во горенаведениот случај, осомничениот не направил лажен документ со намера да го искористи таков документ како вистински, и не употребил фалсификуван документ како вистински, ниту пак употребил како доказ во судска постапка документ, книга или документ за кој знаел дека е лажен.