Обвинителство: Собрани докази за пожарот во Кочани, наредба за вештачење за над 70 мобилни телефони и 30 компјутери
Дел од обвинителите кои работат на случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, како и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, денеска одржаа средба со претставници од повеќе области со цел планирање и координација на идните активности за обезбедување докази, информираат од Обвинителството.
„Се издаваат барања за дополнителни проверки, анализи и наредби за вештачење на околностите кои ги испитуваат и проверуваат стручни лица. Дополнително, до овој момент за потребите на постапката издадени се наредби за анализа на податоци од над 70 мобилни телефони и 30 десктоп и лаптоп компјутери“, се наведува во соопштението на СОГОК.
Иако увидот на местото на настанот и официјално е завршен, вештаците кои вршат прегледи и анализи за процедурални цели, по наредба на јавен обвинител преземаат дополнителни дејствија на местото на настанот со цел да се изврши увид и целосно да се разберат сите околности околу пожарот. За таа цел објектот се уште е обезбеден и детално се испитува локацијата“, се додава во соопштението.
Јавниот обвинител од Специјалното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициско овластување и припадници на затворската полиција, претходно денеска, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, донесе Наредба за спроведување истражни постапки против десет полициски службеници по пожарот во Кочани.