Обединетите нации објавија загрижувачки бројки: “Повеќе од 700 милиони луѓе во светот не знаат кога повторно ќе јадат“
Глобалната криза со глад остави повеќе од 700 милиони луѓе несигурни кога или дали повторно ќе јадат, а побарувачката за храна незапирливо расте како што пресушуваат хуманитарните фондови, соопшти денес извршната директорка на Светската програма за храна (WFP), Синди Мекејн.
На седница на Советот за безбедност на ОН, Синди Мекејн порача дека поради недостиг на финансии, агенцијата била принудена да ги намали оброците на храна за милиони луѓе и оти „следуваат уште повеќе кратења“.
„Сега живееме со серија симултани и долгорочни кризи кои ќе продолжат да ги поттикнуваат глобалните хуманитарни потреби“, вели таа.
„Ова е новата реалност на хуманитарната заедница – нашата нова нормалност – и ќе се занимаваме во годините што доаѓаат“, нагласи Синди Мекејн.