ОБЕДИНУВАЊЕ НА ПОЈАСОТ ГАЗА И ЗАПАДНИОТ БРЕГ !? Какво решение нуди Џо Бајден за крај на војната на Блискиот Исток ?
Месец и пол од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, во која загинаа повеќе од 13.000 луѓе, претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, го претстави својот предлог за решение на конфликтот што со децении трае на Блискиот Исток.
Во авторски текст за The Washington Post, Џо Бајден уште еднаш се залагаше за решение кое вклучува две независни држави – Израел и Палестина.
Тој повика на обединување на Западниот Брег и Појасот Газа, двете палестински енклави, под обновена палестинска управа. Во исто време, тој се закани дека ќе воведе санкции за екстремистичките еврејски доселеници на Западниот Брег.
„Решението со две независни држави е единствениот начин да се обезбеди долгорочна безбедност и на израелскиот и на палестинскиот народ. Иако во моментов може да изгледа дека таа иднина никогаш не била далеку, поради кризата стана уште поитно да се работи на тоа“, вели Џо Бајден.
Претседателот на САД, главниот сојузник на Израел, нагласи дека палестинскиот народ заслужува своја држава и иднина независна од исламистичкиот Хамас.
„Сцените од Појасот Газа и смртта на илјадници цивили, вклучително и деца, ми го кршат и срцето. Сега целта мора да биде да се стави крај на војната засекогаш и да се стави крај на циклусот на насилство“, смета Џо Бајден, повторувајќи ги ставовите искажани претходно: „Не смее да има присилно протерување на Палестинците од Појасот Газа, ниту повторна окупација, опсада или блокада и намалување на неговата територија“.
Џо Бајден повторно го критикуваше екстремното насилство врз Палестинците на Западниот Брег. Тој истакна дека јасно побарал од израелските политички лидери дека оние кои го извршиле ова насилство мора да одговараат.
„Соединетите Американски Држави се подготвени да преземат свои мерки, вклучително и забрана за влез на екстремисти кои напаѓаат цивили на Западниот Брег“, предупреди тој.
Во телевизискиот говор, палестинскиот претседател Махмуд Абас го повика Џо Бајден да изврши притисок врз Израел. Тој буквално зборуваше за „геноцид“ во Појасот Газа.
„Како може овој геноцид да се оправда како самоодбрана ? Во реалноста тоа се воени злосторства, кои мора да бидат казнети“, тврди Махмуд Абас.
Тој го повика претседателот на САД да интервенира за да се запрат нападите на израелските сили на Западниот Брег и во Ерусалим и побара од него да се заложи за зголемување на хуманитарната помош.
Од друга страна, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, воздржано реагираше на предлогот на Џо Бајден. Тој вели дека палестинската управа во нејзината сегашна форма не е способна да го преземе раководството на Појасот Газа и најави дека Израел може да преземе воена контрола таму во догледна иднина.