„Обезглавено“ иранското воено раководство: Израел уби 20 команданти, вклучувајќи го и началникот на воздухопловните сили
Најмалку 20 високи ирански команданти беа убиени во израелските напади врз Иран, објави Ројтерс, повикувајќи се на два регионални извори. Според извештаите, меѓу загинатите е и Амир Али Хаџизаде, шефот на ракетната програма на Иранската револуционерна гарда.
Исто така, како што беше претходно објавено, тие го убија врховниот командант на Иранската револуционерна гарда, Хосеин Салами, како и началникот на Генералштабот на вооружените сили, Мохамед Багери.
Иранските државни медиуми објавија дека еден од најблиските советници на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи е исто така ранет во нападите. Според извештајот на АФП, иранската државна телевизија објави: „Али Шамкани, советник на врховниот лидер… е повреден во денешниот напад на ционистичкиот режим“.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека поголемиот дел од командниот персонал на воздухопловните сили на Револуционерната гарда бил елиминиран за време на израелските напади. Како што рече, тие се состанувале во подземниот команден центар во времето кога биле погодени.
Ова е најтешкиот удар врз врвот на иранскиот воен апарат во последните години, а деталите за бројот на жртвите и обемот на нападот сè уште се собираат.