Обновување на авиолинија Скопје – Прага за да се видат убавините на Македонија – Генералниот директор на ТАВ Македонија во Чешка

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт денеска во Прага, пред најистакнатите чешки туристички агенции и туроператори ги презентираше туристичкиот потенцијал на Македонија и улогата на македонските аеродроми во туристичката индустрија, но ја отвори и темата за повторно воспоставување на авиолинијата Скопје – Прага.

На работилницата „Туристичкиот потенцијал на Македонија“ што се одржа утринава Курт нагласи дека сите чинители во воздухопловството, туристичката индустрија и дипломатијата мора да работат заедно за да се создаде побарувачка за авиокомпанија која би ја вовела оваа директна авиолинија.

-Покрај капиталните инвестиции што ги направивме за модернизирање на македонските аеродроми, во исто време низ годините вложивме многу напори да ги пласираме не само двата македонски аеродроми, туку и Македонија како туристичка дестинација на многу странски туроператори и авиокомпании. Ова значи колку авиокомпании првпат воведоа нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром. Ние навистина веруваме во туристичкиот потенцијал на Македонија, затоа целосно се вклучуваме во промоцијата, на секој саем за воздухопловство и туризам каде ТАВ Аеродроми е учесник, на сите воздухопловни конференции каде што можеме да се сретнеме со клучните лица од авиокомпаниите и туроператорите. Се надевам дека ќе ја откриете Македонија како нова опција за патување за чешките граѓани и уверен сум дека денес ќе започнеме нови партнерства со некои од вас кои ќе бидат заинтересирани за нашиот пазар. Ајде да работиме заедно и да создадеме побарувачка за директна авионска врска меѓу Скопје и Прага, што може да доведе до повторно воспоставување на директната авиолинија меѓу двата главни града од страна на авиокомпанија која ќе најде деловни причини да ја воведе, рече Курт кој учествуваше на работилницата на покана на чешкиот амбасадор во Македонија, Јарослав Лудва и извршниот директор на аеродромот во Прага, Јири Пос.

Работилницата на аеродромот во Прага ги собра најистакнатите туристички агенции и туроператори од Република Чешка, кои беа запознаени со потенцијалот на Македонија и со можностите за патување на чешките туристи. ТАВ Македонија ги претстави убавините на земјата и потенцијалот на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле Охрид да опслужуваат директни летови од Прага до Скопје и Охрид.

Како продолжение на денешната работилница во Прага, ТАВ Македонија во Скопје ќе организира работилница со македонските туристички агенции за чешките туроператори на која двете страни ќе можат да имаат Б2Б состаноци, со крајна цел – летови меѓу двата главни града.