Обраќање на претседателот на Собранието Талат Џафери на годишната Конференција на претседатели на парламенти на ЕУ

Обраќање на претседателот Џафери на годишната Конференција на претседатели на парламенти на ЕУ

Тема: „Улогата на ЕУ во глобалната соработка на демократиите и прашањето за зависноста на земјите-членки на ЕУ од тоталитарните режими (информациска војна, дезинформации, безбедност на синџирите на снабдување, стратешка автономија итн.)

Почитувани домаќини на конференцијата, претседатели Вистрчил и Адамова,

Почитуванa претседателка Мецола,

Почитувани колеги,

Дозволете да ја искористам приликата и да ве поздравам од име на Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име и воедно да изразам задоволство што повторно се среќаваме.

За жал, не можам да кажам дека безбедносната, енергетската и воопшто економската ситуацијата во регионот и светот има претрпено некое подобрување од нашата последна средба, напротив. Ситуацијата по руската агресија во Украина ја предизвика најсериозната безбедносна криза во Европа по Втората светска војна и таа е директен напад врз темелите на европската безбедносна структура. Никој не може да каже дека е безбеден, особено имајќи ги предвид последните настани на тоа поле. Тука мислам на агресивната и лажна руска пропаганда со која Руската федерација се обидува да ги заобиколува санкциите и постојаниот притисок кој целиот демократски свет настојува да го наметне на Русија и на нејзините сојузници. Уште пострашна е заканата по безбедноста на границите и граѓаните на земјите членки на Европската унија по постигнатиот договор на Руската федерација со Белорусија за распоредување на тактичко нуклеарно оружје на нејзината територија со оглед на тоа што Белорусија граничи со три земји членки на ЕУ и НАТО. И затоа, покрај потребата од наша заедничка итна, целосна и безусловна осуда на оваа неиспровоцирана и неправедна војна во Украина, како претставници на непосредно избрани законодавни тела со најголем демократски легитимитет, мораме да ги искористиме сите можности кои ги нуди нашиот уставен статус за споделување на заедничките вредности како демократија, човекови права и владеење на правото, дома и надвор.

Драги пријатели,

Дозволете да ја повторам и целосната посветеност на Република Северна Македонија како партнер на Европската унија со која соработуваме на повеќе нивоа. Би го спомнал Дијалогот Жан Моне, Самитот на претседатели на парламенти на Западен Балкан, Мешовитиот парламентарен комитет и секако огромната помош и поддршка за време на кризата со КОВИД 19. Целосно сме ја усогласиле и нашата надворешна и безбедносна политика со таа на Унијата и во однос на Украина. Покрај усвоената Декларација со која најостро ги осудивме воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, учествувавме и на првиот Парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа во Загреб, како начин на консолидирање и зајакнување на интерпарламентарните напори. Во Собранието ја основавме и Интерпартиската парламентарна група за поддршка на таа платформа со која претседавам јас лично.

Како лидери, имаме одговорност пред нашите граѓани да ја обезбедиме пред се, нивната безбедност. Потоа, непрекинат проток на стратешки енергетски суровини, прехранбени продукти и технологии. Не смееме да дозволиме зависност од страна на тоталитарни и авторитарни режими која зависност ќе се рефлектира директно на безбедноста. Мораме да воспоставиме нови мостови на соработка со отворена трговска политика со земји кои споделуваат исти демократски вредности, при што, Светската трговска организација ќе ја има главната улога.

За Република Северна Македонија да може да биде активен чинител во овие процеси, апелирам на проширувањето на Унијата, со оглед на драстичната актуелна промена на европското безбедносно, економско и енергетско милје и долгорочните последици кои истото ќе ги има врз нашиот континент. По првата меѓувладина конференција во јули 2022 година со која започна скринингот, работиме напорно на исполнување на условот за почетокот на преговорите и верувам дека даденото ветување ќе се преточи во дело и процесот на проширување ќе добие на динамика а преговорите за членство ќе станат реалност и за нас.

Дозволете да се заблагодарам за одличната организација на Конференцијата и,

Благодарам на вниманието!

Собрание на Република Северна Македонија.