– Полицијата во Хрватска, користејќи група креирана на WhatsApp како неформален начин за комуникација за мигрантите, го прекршила законот, покажува истражувањето на повеќе медиуми во Хрватска.
Во ноември минатата година, шеесет принтскрин фотографии од разговорот во групата беа доставени до непрофитната истражувачка редакција Lighthouse Reports, кои прикажуваат одбрани делови од комуникацијата на врвот на хрватска полиција на апликацијата WhatsApp во периодот од август 2019 до февруари 2020 година.
Заедничката истрага на неделникот Новости, Lighthouse Reports, Нова ТВ, порталот Телеграм, германскиот Der Spiegel и австрискиот ORF откри дека полицијата, користејќи ја групата WhatsApp како неформален начин за комуникација за официјалните дејствија кон мигрантите и споделување на голема количина на податоци, ги прекршува законите и внатрешните одредби кои ги пропишуваат официјалните методи на известување, пренесуваат хрватските медиуми.
Предметната група се вика „ОА Коридор II – Запад“, по истоимената полициска акција која ги опфаќа западните делови на Хрватска и чија цел е заштита на државната граница од нерегуларни мигранти, пренесува Index.hr.
Во WhatsApp групата, полицајци од речиси сите хиерархиски нивоа масовно разменувале информации за големината на пресретнатите групи мигранти, местото и времето на нивната средба и нивната националност. Групата споделувала и лични податоци, фотографии од документи и регистарски таблички на автомобили во сопственост на сомнителни лица.
Новинарите кои се занимаваа со овој случај заклучуваат дека целта на ваквиот канал за комуникација е, очигледно, да се избегне правилно бележење на овие полициски постапки, односно водење неофицијална евиденција за апсењата на мигрантите.
Меѓународен новинарски тим ја потврди автентичноста на направените принтскрин од разговорите доставени до Lighthouse Reports. Тие беа испратени до Клас ван Дијкен, ко-директор на таа медиумска организација со седиште во Холандија, од анонимно лице преку апликацијата Сигнал, додавајќи дека се јавува од привремен број кој наскоро ќе биде затворен.
„Потребно беше време да се испитаат десетици слики од екранот на мобилните телефони и да се потврдат сите видливи телефонски броеви и да се започне истрага. Бидејќи можевме да ги потврдиме броевите, заклучивме дека е малку веројатно некој да ги фабрикувал сите тие пораки и слики од екранот на мобилните телефони и да поседува толку многу телефонски броеви кои се совпаѓаат со бројките на луѓето кои сè уште ги поседуваат. Заклучивме дека пораките се апсолутно автентични“, вели Ван Дијкен.
Министерството за внатрешни работи на Хрватска ја признава употребата на групи на WhatsApp, но тврди дека се е според законот.
Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека полициската група на WhatsApp, чија содржина е објавена во јавноста, била наменета за оперативна комуникација во борбата против криумчарите на мигранти, а сите дејствија кон мигрантите биле официјално евидентирани.
„Операцијата Коридор не е тајна операција, таа се спроведува многу интензивно во последните пет години. Тоа е акција што ја спроведува хрватската полиција против шверцерите на мигранти“, рече Божиновиќ и додаде дека хрватската полиција е на границите 24 часа, пренесува Хина.