Објавено видео од апсењето на екстремистите кои сакаа да ги соборат Вучиќ и Владата: Еден имал пушка со него (ВИДЕО)
По неодамнешните протести пред Претседателството на Република Србија, полицијата уапси тројца мажи. Двајца од нив го организирале протестот додека третиот бил фатен со огнено оружје.
Припадниците на МВР во соработка со Агенција за безбедност и информирање и надлежните обвинителства во Белград и Нови Сад ги привеле тројцата мажи поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело – Повикување на насилна промена на уставниот поредок.
Едниот се товари и за кривично дело – Недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи и придружна муниција. Се сомнева дека другиот уапсен му го продал оружјето, а претходно незаконски го стекнал, па се товари и за кривично дело тешка кражба, пренесува Нова.рс.
Тројцата уапсени се обвинети дека ги повикале граѓаните да се соберат масовно во Белград и насилно да ја урнат Владата и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.
Да потсетиме, неколку стотици екстремни националисти се собраа во средата вечерта на протестот пред канцеларијата на српскиот претседател Вучиќ, заканувајќи се дека ќе предизвикаат немири доколку Србија го прифати планот на ЕУ за нормализирање на односите со Косово.