Објавенo црно предупредување: Пронајдена е најголемата количина злато досега регистрирана на Земјата

Рударите во кинеската покраина Хунан објавија масовно откритие на злато – доколку се потврди, откритието би било најголемото досега забележано во светот. Според претходните проценки, станува збор за околу 998 тони злато , чија вредност се проценува на приближно 83 милијарди долари .

Откритието е направено во полето за злато Вангу, каде што првичните проценки беа околу 300 тони. Сепак, новите истражувања покажуваат дека првичната проценка била значително прениска. Чен Рулин од Геолошкиот завод на покраината Хунан ги испитал примероците од карпи и истакнал: „Многу од примероците од дупченото јадро јасно покажуваат видливо злато“. Видливото злато во примероците обично укажува на наоѓалиште со висок степен на содржина, а компјутерските модели сугерираат дека дополнителни резерви може да постојат на длабочина од околу 3 километри под површината.

За споредба, рудникот „Саут Дип“ во Јужна Африка содржи околу 900 тони злато , додека новото наоѓалиште во Кина се чини дека го надминува тој износ. Кина моментално произведува околу 10% од светското злато, а ова откритие значително би ја зголемило нејзината производствена база. Досега, во Кина се ископани околу 53.000 тони злато, а експертите проценуваат дека би можеле да бидат откриени уште 50.000 тони, пишува Earth.com .

Проблемот е што златото се наоѓа длабоко под земја, често расфрлано во карпеста подлога или на тешко достапни места. Рударството порано беше поедноставно – планина богата со руда би била дигната во воздух, а златото би се вадело. Денес, законските ограничувања и еколошките прописи го отежнуваат користењето методи што ги загадуваат реките или ги уништуваат шумите.

Повеќето од лесно достапните наоѓалишта се исцрпени, а новите бараат големи инвестиции и напредна технологија. Додека некои експерти предупредуваат дека се приближуваме кон „врвот на златото“ – период кога новите откритија ќе стануваат сè поретки – откритија како ова покажуваат дека сè уште постојат значајни резерви. Кина сега има повеќе од 2.000 тони резерви на злато, а ова откритие дополнително ја зајакнува нејзината позиција. Веста за новото откритие веднаш ги зголеми цените на златото.