“ОВА Е БОРБА ЗА НАШАТА ИДНИНА!“ – Министерот за одбрана на Израел на средбата со Лојд Остин порача: “Водиме војна за опстанок против оската на злото“
Израел води сеопфатна војна против милитантите на Хамас за да постигне трајни промени и да ја заштити својата иднина како просперитетна демократија, порача во петокот министерот за одбрана на земјата, Јоав Галант, нарекувајќи го Хамас дел од „оската на злото“ со Иран.
За време на прес-конференцијата со неговиот американски колега Лојд Остин, израелскиот министер беше прашан дали Техеран дал согласност за нападот на Хамас од Појасот Газа.
„Не е важно, бидејќи идејата беше иранска“, одговорил Јоав Галант.
На седмиот ден од борбите, Јоав Галант вели дека палестинските цивили кои сакаат да си ги спасат животите мора да го послушаат предупредувањето на Израел и да се евакуираат на југ од Појасот Газа. Во исто време, Обединетите нации предупредуваат дека има хуманитарна криза од невидени размери.
Јоав Галант одбил да одговори на новинарско прашање дали Израел ќе го почитува 24-часовното предупредување за евакуација издадено во петокот наутро.
„Ова е војна за постоењето на Израел како просперитетна, демократска држава, дом на еврејскиот народ“, рекол тој и додал: „Се бориме за нашиот дом. Се бориме за нашата иднина“.
„Патот ќе биде долг, но ви ветувам дека на крајот ќе победиме“, нагласил Јоав Галант.