Ова е катастрофа за целиот свет: Глечерот на ,,судниот ден” брзо се топи! Научниците открија зошто

Топењето на таканаречениот „глечер на судниот ден“ може да доведе до катастрофално зголемување на нивото на морето. Токму затоа што брзо се топи, научниците се обиделе да го реконструираат неговото минато и откриле зошто и кога започнал тој процес, пишува CNN.

Глечерот Твејтс на Западен Антарктик е најширокиот глечер во светот и е со големина колку Флорида . Научниците знаат дека мразот го губи со забрзано темпо од 1970-тите, но бидејќи сателитските податоци се стари само неколку децении, не знаеле кога почнало топењето.

Тие конечно добија одговор на тоа прашање, според студијата објавена во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.

Со анализа на морскиот седимент извлечен од дното на океанот, научниците открија дека глечерот почнал да се топи во 1940-тите, веројатно поради многу силниот ефект на Ел Нињо.  Оттогаш, глечерот не може да се опорави, а причината за тоа може да биде зголеменото влијание на климатските промени предизвикани од луѓето, се вели во студијата.

Што и да се случи со глечерот Твејтс ќе има глобални последици. Досега придонесе за глобално покачување на нивото на морето за 4 отсто, но неговиот колапс би го подигнал нивото на морето за повеќе од 65 сантиметри.

Покрај тоа, има витална функција за одржување на стабилноста на ледената покривка на Западниот Антарктик, пишува Си-Ен-Ен. Неговото топење би ја поткопало стабилноста на ледената покривка, чие топење би го подигнало нивото на морето за три метри, што би довело до катастрофални поплави ширум светот.

Истражувањето го откри однесувањето на глечерот во последните 12.000 години. Благодарение на оваа информација, научниците веруваат дека знаат зошто почнала брзо да се топи.

– Тоа беше предизвикано од екстремен Ел Нињо, што се случи веројатно кога глечерот веќе беше во фаза на топење. Тоа е исто како кога некој ќе те шутне кога веќе си болен, последиците ќе бидат многу посилни и поголеми – изјавила Џулија Велнер, професорка по геологија на Универзитетот во Хјустон и една од авторите на студијата.

Тед Скамбос, глациолог од Универзитетот во Колорадо во Болдер, не бил вклучен во истражувањето, но вели дека тоа потврдува многу од она што е познато за глечерот Твејтс.

– Системот беше блиску да стане нестабилен кога се случи силен природен феномен. Понатамошните настани зависат повеќе од климатските промени и се дел од поширокото топење на глечерите – изјави тој за Си-Ен-Ен.