ОВА Е НЕДЕЛА НА ОДЛУКА ЗА ЕВРОПА Макрон и Стармер смислуваат план за МИР ВО УКРАИНА, додека други навиваат за ПУТИН: Доаѓа нова средба, а едно е клучно
Во четврток во Брисел ќе се одржи самит, по вчерашните дипломатски разговори на највисоко ниво во Лондон, а европските лидери продолжуваат да се соочуваат со клучни прашања за зголемување на воените трошоци. По самитот во Лондон, кој донесе многу ветувања, но малку конкретни решенија, Европа влегува во клучна недела за иднината на нејзината безбедност.
Група светски лидери – вклучително и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но не и американскиот претседател Доналд Трамп – се собраа вчера во Ланкастер Хаус во Лондон за да разговараат за историското прашање:
дали Америка останува клучниот столб на западната одбранбена алијанса?
„Постои ново чувство на итност кога станува збор за заштита на европската безбедност“, рече европски дипломат близок до преговорите, размислувајќи за драматичните настани во Вашингтон во петокот.
Тој алудираше на жестокиот вербален напад на Трамп врз Зеленски во Белата куќа , по што европските лидери се запрашаа дали САД сè уште ја сметаат Европа за сојузник . Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Каја Калас дури сугерираше дека Америка повеќе не го води „слободниот свет“. Иако тензиите малку се намалија во текот на викендот, сомнежите не исчезнаа.
Британија подготвува мировен план
Британскиот премиер Кир Стармер , кој го организираше самитот пред да избие конфликтот меѓу Трамп и Зеленски , рече дека Европа сега мора „да го преземе товарот“ во одбраната на Украина од руските закани , со што јасно стави до знаење дека САД се повлекуваат од глобалната сцена.
Откако се обиде да дојде до американскиот претседател претходно минатата недела, Стармер сега се гледа себеси како клучен посредник меѓу Вашингтон и Европа. Во соработка со Франција и Украина, Британија подготвува мировен план што потоа ќе му го претстави на Трамп – што означува значителна промена од претходните очекувања дека САД ќе го преземат водството.
Предложениот план вклучува мировни сили предводени од Британија и Франција, кои Стармер ги нарече „коалиција на подготвените“ – термин кој потсетува на сојузот на земји предводени од САД кои го нападнаа Ирак во 2003 година .
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека предложил едномесечен прекин на огнот што ќе ги опфати воздушните, поморските и енергетските цели, пишува Politico.
Засега не се знае кој ќе биде дел од оваа коалиција.
Стармер рече дека „многубројни“ земји се приклучиле на мировната мисија, но нагласи дека планот мора да има поддршка од САД за да биде успешен. Тој одби да именува кои влади се обврзале да учествуваат.
„Продолжуваме да ги сметаме САД за сигурен сојузник“, рече Стармер. „Се согласуваме со претседателот дека итно е потребен одржлив мир. Сега мораме да го постигнеме заедно.
Може ли Европа да преземе одговорност?
Сепак, европските влади сè повеќе сфаќаат дека зголемената улога во одбраната на Украина значи и зајакнување на нивните сопствени воени капацитети – што подразбира поголеми трошоци за одбраната. Темата ќе доминира на состанокот на 27 лидери на ЕУ во четврток во Брисел. Иако Стармер ги водеше дискусиите во Лондон, ОК, како не-членка на ЕУ, нема да учествува на овој клучен состанок.
Во изјава за францускиот весник „Фигаро“ по самитот, Макрон ги повика земјите од НАТО значително да ги зголемат инвестициите во одбраната.
„Три години по ред Русите трошат 10 отсто од својот БДП за одбрана“, рече тој. „Мораме да се подготвиме за она што доаѓа, со цел да издвоиме од 3 до 3,5 отсто од БДП.
Сегашната цел на НАТО за одбранбени инвестиции е 2 отсто од БДП годишно, но многу европски влади не успеваат да го достигнат ниту тој праг – цел што Трамп постојано ја критикуваше. Франција едвај ја надминува со издвојувања од 2,1 отсто од БДП. За да поттикне поголемо трошење, Макрон предлага ЕУ да користи недоволно искористени централизирани европски фондови.
„ Треба да ѝ дадеме мандат на Европската комисија да користи иновативни методи на финансирање“, рече тој, ова може да вклучи заедничко задолжување или користење на Европскиот механизам за стабилност… во првата фаза ни требаат 200 милијарди евра за инвестиции.
„Мораме итно да се вооружиме“
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по напуштањето на самитот изјави дека сега е вистинското време „итно да се вооружи Европа“. Сè укажува дека средбата во четврток ќе биде клучна. „Можно е да бидеме сведоци на историска одлука за буџетите за одбрана“, рече еден европски дипломат кој сакаше да остане анонимен.
Но, постигнувањето договор нема да биде лесно, имајќи предвид дека некои лидери, како што е унгарскиот премиер Виктор Орбан, се повеќе склони да го поддржат Владимир Путин отколку европските планови за зајакнување на одбраната .
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте, кој исто така присуствуваше на самитот во Лондон, рече дека некои земји ветиле „значително да ги зголемат“ трошоците за одбрана – но тој не откри кои и за колку.
Од зборови до дела – подготвена ли е Европа?
Иако европските лидери ја засилуваат реториката за зајакнување на одбраната, сè уште недостасуваат вистински детали и конкретни планови. Сè уште не е јасно каква би била содржината на мировниот план и како Стармер и Макрон ќе ја обезбедат поддршката од Белата куќа.
Еден европски дипломат истакна дека Зеленски итно треба да најде начин да изгради односи со Трамп и да го склучи американско-украинскиот договор за минерални ресурси, кој требаше да биде финализиран минатата недела . Според истиот дипломат, сегашната ситуација значи дека Велика Британија и Франција го преземаат водството, но договорот за минерали може да им обезбеди на САД економски интерес во Украина, со што ќе обезбеди одредено ниво на заштита.
Сепак, останува нејасно како Европа планира да го доведе Путин на преговарачка маса. Кремљ веќе ја отфрли можноста за присуство на мировните сили на НАТО во Украина. Со оглед на тоа што сојузниците на Путин јавно го прославија понижувањето на Зеленски од страна на Трамп, рускиот претседател можеби чека Белата куќа да преземе иницијатива.
По самитот, Зеленски изјави за Скај њуз дека има контакт меѓу Белата куќа и неговата администрација од петокот, но „не на мое ниво“.
Еден од клучните учесници на самитот во четвртокот, полскиот премиер Доналд Туск, даде јасна порака: „500 милиони Европејци бараат од 300 милиони Американци да ги заштитат од 140 милиони Руси“, рече тој.