Ова е првиот ирански носач на беспилотни летала: Воениот брод може да остане на отворено море една година

Иран го претстави својот прв носач на беспилотни летала, велејќи дека борбениот брод е способен да оперира на отворено море една година, далеку од неговата копнена територија, објави официјалната новинска агенција ИРНА.

Во извештајот се наведува дека бродот, со екипаж од паравоената морнарица на Корпусот на иранската револуционерна гарда , може да носи неколку ескадрили беспилотни летала, како и хеликоптери, објави британскиот весник The Independent.

Се нарекува „Шахид Багери“ и е способен да лансира крстосувачки ракети. Со писта за беспилотни летала долга 180 метри, бродот може да помине до 22.000 наутички милји (околу 40.000 километри) без да има потреба од полнење гориво во пристаништата.

Бродот е претворен и изграден од трупот на комерцијален брод, а неговата цел е да ја зголеми одвраќачката моќ на Техеран. Снимките емитувани на државната телевизија за време на инаугурацијата покажаа најмалку четири хеликоптери и три беспилотни летала на пистата. Шефот на гардата, генерал Хосеин Салами, на церемонијата рече дека бродот може да плови „независно“ по морињата и до една година.

„Иран мора да го зголеми својот капацитет за одвраќање за да спречи војна“, рече тој, нагласувајќи дека Иран не сака да војува со ниту една земја.

„Иран не се смета за закана за ниту една земја, но ние не потклекнуваме пред заканата на која било сила“, додаде Салами.

Шефот на морнарицата на гардата, адмирал Али Реза Тангсири, рече дека биле потребни повеќе од две години за да се изгради бродот од комерцијален брод. Носачот на беспилотни летала има и болница, како и објекти како што е теретана за екипажот.

Иран долго време ветува дека ќе го зголеми своето присуство во морињата ширум светот. Од 1992 година, Иран започна воен план за самодоволност во кој тврди дека произведува свои подморници, борбени авиони и воени тенкови.