Ова млеко може да помогне во намалувањето на холестеролот

Можеби не е на врвот на вашата листа на омилени пијалоци, но козјото млеко би можело да стане новата тајна за здраво срце. Шпанскиот фармацевт и нутриционист Марија де лос Анџелес Гарсија, позната и како Ботикарија Гарсија, истакна бројни здравствени придобивки од козјото млеко во споредба со класичното кравјо млеко.

Денес, на полиците на продавниците може да се најдат разновидни млека од растителна основа – од бадем и соја до овес, ориз, кокос и коноп. Но, додека беснее дебатата за тоа која замена за кравјо млеко е најдобра, нутриционистите како Гарсија го привлекуваат вниманието на прашањето: зошто воопшто да се размислува за замена?

Според анализите, козјото млеко би можело да биде подобар избор поради неговата различна нутритивна структура. “Протеините во козјото млеко за некои луѓе можеби се полесни за варење во споредба со оние во кравјото. Исто така, козјото млеко создава помали масни топчиња, што на некои луѓе им го олеснува варењето. Сепак, нагласувам дека повеќето луѓе можат да го сварат кравјото млеко без никакви проблеми”, објаснува нутриционистот за Salud.

Поради овие карактеристики, козјото млеко може да биде идеално за оние кои имаат чувствителен дигестивен систем или страдаат од дигестивни проблеми. Сепак, експертот предупредува дека не е паметно сами да ја менувате исхраната доколку имате долгорочни стомачни проблеми.

„Ова зголемување на дигестивните нарушувања се должи на сè понездравата исхрана и начин на живот. Ако веќе некое време чувствувате непријатност во стомакот, не експериментирајте со вашата исхрана заснована на невообичаени совети бидејќи тоа може да ја одложи дијагнозата на можен здравствен проблем. Секогаш консултирајте се со лекар за да добиете индивидуална проценка на вашата состојба“, нагласи Гарсија.

Корисно е и за луѓето кои се борат со недостаток на железо.

Нејзините тврдења се поткрепени со научни истражувања, вклучително и студии од Универзитетот во Гранада, кои покажаа дека козјото млеко може да помогне во регулирањето на високиот холестерол и да го одржува здравјето на срцето. Исто така, може да биде корисно за луѓето со анемија и оние кои се на долготрајна терапија со додатоци на железо.

Козјото млеко содржи значителни количини на железо, калциум, фосфор и магнезиум, што помага да се спречи анемија и дегенеративни заболувања на коските како што е деминерализацијата. Кога станува збор за здравјето на срцето, содржи и до 40% помалку холестерол во споредба со кравјото млеко и е богат со омега-6 масни киселини, кои се познати по благотворното дејство на кардиоваскуларниот систем.

Во дискусијата се вклучија и експерти од платформата Zoe и го рангираа козјото млеко веднаш под млекото без лактоза на листата на најздрави опции.

,,Козјото млеко може полесно да се вари од кравјото. Покрај тоа, хранливо е побогато и содржи високо ниво на витамин А. Сепак, неговиот специфичен вкус можеби не одговара на сите”, велат експертите.