Ова се најкритичните години за брак: Ако ги преживеете, ве очекува нов меден месец

Секоја љубов е подложна на предизвици, дури и оние кои на почетокот изгледале совршени може да резултираат со развод.

Според резултатите на едно од најновите истражувања, во Србија се распаѓа секој четврти брак, а во просек најдоцна по тринаесет години.

Разводите не се ретки и кај нас, каде што статистиката е поразителна, а состојбата во некои други земји е уште посериозна. На пример, во САД половина од првите бракови пропаѓаат, дури 60 отсто од вторите бракови и 73 отсто од браковите на кои паровите сметале како „трета среќа“, пренесува порталот wedding.com .

Со текот на годините во светот се направени бројни студии и пресметки со цел да се обидат да се утврдат кои години од бракот се најкритични, односно кога сопружниците најчесто носат одлука за развод.

Иако тоа не е златно правило, се покажа дека во повеќето случаи браковите „растураат“ во текот на првата, седмата и осмата година.

Теоријата дека седмата година од бракот е најкритична постои со години, а беше популаризирана со филмот на Били Вајлдер од 1955 година „The Seven Year Itch“, со Мерлин Монро и Том Ивел во главните улоги.

Паровите кои ја преживуваат најкритичната седма година, како и осмата, која исто така е проследена со висока стапка на разводи, можат да кажат дека се „на коњ“, бидејќи статистиката покажала дека најмалку разводи се забележани во периодот од деветата до петнаесеттата година од бракот , па често се нарекува и „ втор меден месец “.

Експертите ги открија и најчестите причини поради кои паровите се разведуваат. Тоа се: финансиски проблеми, несогласување меѓу сопружниците за плановите за иднината, прељуба, несогласување со членовите на семејството на партнерот, губење на врската и љубовта.