Ова се најстрашните земјотреси во историјата: Еден остави зад себе повеќе од 220 илјади смртни случаи, а оној од 9,5 степени според Рихтеровата скала уништи милиони домови
Разорни земјотреси, од кои најсилните беа со јачина од 7,8 и 7,7 степени според Рихтеровата скала, ги погодија Турција и Сирија. Засега се знае дека загинале 22.200 луѓе, а потрагата по преживеани се уште трае. Сепак, овие земјотреси се далеку од најсилните досега забележани.
Повеќе од 22.200 луѓе загинаа во Турција и Сирија по серијата земјотреси што ги потресоа двете земји. Најсилниот земјотрес беше 7,8, а неколку часа подоцна се случи и друг од 7,7 степени според Рихтеровата скала. Спасувачите трагаат по преживеани, а бројот на загинати постојано се зголемува. Во пресрет на уништувањето што продолжува да го предизвикува тресењето на земјата, се потсетивме на најмоќните земјотреси забележани во историјата на човештвото.
Јапонија, 2011 година – јачина 9.0
Речиси 20 илјади луѓе загинаа во разорниот земјотрес, а многумина мораа засекогаш да ги напуштат своите домови. Земјотресот, всушност, предизвика цунами со бранови високи 10 метри кои ги оштетија реакторите на нуклеарната централа во Фукушима. Ова резултираше со најголемата нуклеарна криза во светот во овој милениум.
Камчатка, од 1952 година – јачина 9,0
За само неколку минути овој земјотрес го уништи градот Северо-Курилск, каде живееја 6.000 луѓе. Не се знае точно колку луѓе загинале бидејќи комунистичките власти ставиле печат на државната тајна.
По падот на Советскиот Сојуз, поточно на почетокот на милениумот, кога беа отворени поморските архиви, беше објавено дека загинале 2.336 луѓе. Експертите се сомневаат дека реалните бројки се поблиску до 8.000, од кои 2.000 биле деца. Епицентарот на земјотресот бил лоциран на дури 200 километри од брегот на длабочина од 30 километри.
Суматра, 2004 година – јачина 9.1
Земјотресот што ја погоди Индонезија во 2004 година е најразорниот и најсмртоносниот земјотрес во 21 век. Нивото на уништување што го предизвика е речиси неразбирливо бидејќи повеќе од 220 илјади луѓе ги загубија животите по ударот.
Повеќе од 1,7 милиони луѓе во 14 различни земји беа принудени да ги напуштат своите домови поради цунамито што се случи по овој земјотрес. Загубите беа толку огромни бидејќи земјите како Индија, Шри Ланка, Тајланд и Индонезија не беа подготвени за ударот на цунамито.
Последиците беа страшни. Тогашниот координатор за медиуми на УНИЦЕФ, Гордон Вајс, беше сведок на апокалиптичните сцени кои погодија неколку милиони луѓе. Тој ги опиша во шокантен извештај.
„Едно момче се држи за дрвен сплав. Луѓето го гледаат од мостот горе; го гледаат неколку моменти, а потоа продолжуваат на својот пат“, напиша тој.
„Некогашните зелени оризови полиња сега се гробишта за илјадници невини луѓе. Од 6.000 луѓе што живееле овде, илјада се мртви; третина од нив биле деца“.
„Трауматизираните деца се држат за своите родители додека зборувам со нив. Ни кажаа дека имало појава на шуга и дека децата страдаат од дијареа и респираторни инфекции. Од 15 училишта во малата област, 13 целосно исчезнаа – наставниците се мртви“ стои во неговиот извештај.
Епицентарот на овој земјотрес бил на длабочина од 30 километри југоисточно од Индонезија, а по него многу земји развиле системи за предупредување од цунами.
Алјаска, 1964 година – магнитуда 9,2
Земјотресот во Алјаска од 1964 година е вториот најсилен земјотрес што некогаш бил регистриран со еден сеизмограф и е најсилниот земјотрес во запишаната историја на континентална Америка.
На 27 март животот го загубија „само“ 141 лице бидејќи, за среќа, удри во претежно ненаселено место. Ударот траел повеќе од три минути и предизвикал огромни инфраструктурни штети.
Покрај самиот земјотрес, речиси веднаш се појавија и локални цунами и плимни бранови, па мештаните немаа време да побегнат на повисоките места. Масивен бран го погоди градот Ченега четири минути по престанувањето на потресите. Градот изгуби третина од населението.
Слична судбина доживеаја и градовите Кодијак, Витиер и Севард од Алјаска. Земјотресот го уништи пристанишниот град Валдез, а последователни потреси беа почувствувани неколку недели по главниот земјотрес – од кои некои беа со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала.
Валдивија, 1960 година – јачина 9,5
Најсилниот земјотрес во историјата на човештвото е оној што го погоди Чиле во 1960 година. Бил со јачина од 9,5 степени според Рихтеровата скала и е одговорен за смртта на 1.655 лица, додека повеќе од две илјади луѓе се здобиле со физички повреди од ударот.