Русите воодушевени од изборните резултати во “братска“ Србија, додека Германците гневни на Александар Вучиќ: “Овие работи се неприфатливи!“
Во понеделникот Германија оцени дека неправилностите што ги констатирале меѓународните набљудувачи на парламентарните избори во Србија се „неприфатливи“ за земја која претендира да влезе во Европската унија (ЕУ), додека Соединетите Американски Држави (САД) изразија желба за понатамошна соработка за зајакнување на демократијата.
„Србија гласаше, но ОБСЕ пријави случаи на неовластено користење јавни средства, заплашување гласачи и купување гласови“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи на Германија.
„Ова е неприфатливо за земја која има статус на кандидат за членство во ЕУ“, се нагласува во соопштението.
Владејачката Српска напредна партија (СНС) освои 46,3 отсто од гласовите на парламентарните избори, што ќе и обезбеди 128 мандати во 250-члениот парламент, според прелиминарните резултати врз основа на 99,8 отсто од преброените гласови.
Левичарската проевропска опозициска коалиција „Србија против насилството“ освои 23,6 отсто од гласовите и тие ќе имаат 65 пратенички места, а социјалистите на поранешниот коалициски партнер на Александар Вучиќ, Ивица Дачиќ освои 6,6 отсто од гласовите и ќе имаат 18 мандати.
Меѓународните набљудувачи во понеделникот оценија дека предвремените избори во Србија во неделата биле обележани со доминација на претседателот на земјата, Александар Вучиќ, во кампањата што, покрај нелојалната конкуренција, пристрасните медиуми и бројните нерегуларности, придонесе и за нерамномерни изборни услови.
Официјален Вашингтон не ги коментираше наводите за нерегуларности, велејќи само дека сака да соработува со Србија за зајакнување на демократијата по изборите.
Портпаролот на Стејт Департментот, Метју Милер, им кажа на новинарите дека САД сакаат да продолжат да работат со идната Влада на Србија за зајакнување на демократското владеење и владеењето на правото. Тој зборуваше и за постигнат напредок на полето на регионалната стабилност.
Кремљ изрази задоволство од победата на партијата на Александар Вучиќ на изборите во Србија, нарекувајќи ја земјата – „пријателска“ и народот -„братски“.
„Го поздравуваме успехот на Александар Вучиќ“, им порача на новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Илјадници луѓе се собраа во понеделникот вечерта во центарот на Белград на протест за поддршка на опозицијата за да го разјаснат прашањето за вистинските резултати од изборите во српската престолнина, во чија регуларност се сомневаат, а двајца лидери на опозицијата се одлучија да штрајкуваат со глад во борбата за „вистинската“ изборна волја на граѓаните.