Грабежи има многу, но кога е ограбен објект кој го обезбедува Министерството за внатрешни работи тоа е многу несекојдневно. Па и симптоматично.
Така се случило со фабриката за одгледување на канабис во во село Радање, Општина Карбинци. Настанот го потврдиле за „Инфомакс“ од МВР и во дописот до нив се наведува дека од 5 март 2025 година објектот го обезбедувала токму полицијата. Не се знае колку канабис е ограбен, но „Инфомакс“ наведува дека се работи за поголема количина.
Во соопштението на МВР за „Инфомакс“ се наведува:
„На 28.03.2025 околу 00,20 часот во СВР Штип е пријавена кражба на стебла од запленет канабис од фабриката за која прашувате лоцирана во општина Карбинци. Извршен е увид на лице место и известен е јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Фабриката од 05.03.2025 година ја обезбедуваат полициски службеници од ПС ОН – СВР Штип.
Инаку, во последните месеци не се евидентирани ниту пријавени било какви кражби во фабриката за одгледување на канабис за медицински цели лоцирана во село Радање, Општина Карбинци“, соопштиле од МВР до редакцијата.