Одбраната побара ослободителна пресуда за обвинетите за убиството на Вања и Панче

Одбраната на Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски побара ослободителна пресуда од обвиненијата на денешното рочиште за убиствата на Вања и Панче.

Во својот завршен збор, адвокатот на одбраната на Александар Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, оцени дека обвинението против таткото на Вања е целосно неосновано, неаргументирано, општо и засновано на претпоставки кои не се поткрепени со доказите на обвинителството.

Основното обвинителство претходно побара максимална казна доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, додека за таткото на Вања побара судот да одреди соодветна затворска казна. Судењето продолжува на 20 јуни со завршни зборови на обвинетите и одбраната на Љубчо Палевски.

Адвокатот Бојан Манев, бранител на обвинетиот Боре Видевски, исто така денес побара ослободителна пресуда, нагласувајќи дека обвинителството не ја докажало вината на неговиот клиент. Според него, насоката во која е водена истрагата за овие кривично-правни настани е целосно погрешна и сите признанија се наметнати.

Адвокатот на одбраната на Влатко Кешишев, адвокатот Игор Ефремов, исто така побара неговиот клиент да биде ослободен од обвиненијата, тврдејќи дека тој не само што не учествувал, туку ниту знаел, ниту имал намера ова да се случи. Одговорност, нагласи тој, може да се понесе само за киднапирањето на Вања.

Судењето продолжи со завршниот збор на адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Александар Ѓорчевски, по што останува само одбраната на Љубчо Палевски.