Одговорот на Европската Унија на царините на Трамп е подготвен: Засегнати се стоки во вредност од 72 милијарди евра
Европската унија разгледува воведување царини за американски стоки во вредност од 72 милијарди евра како дел од втората рунда трговски контрамерки, вклучувајќи авиони, автомобили и автоделови, според список до кој увид има „Политико“.
Поголемиот дел од овој извоз се однесува на индустриски стоки, во вкупна вредност од 65,7 милијарди евра, додека земјоделски производи во вредност од 6,4 милијарди евра исто така би биле опфатени доколку земјите од ЕУ ги поддржат новите царини.
На листата е вклучен и бурбон виски, и покрај силното лобирање од Франција и Ирска за заштита на секторот за алкохолни пијалаци од потенцијален одговор од американскиот претседател Доналд Трамп.
Најголемата ставка на списокот од 200 страници се авионите и деловите за авиони, каде што царините би биле насочени кон речиси 11 милијарди евра од американскиот извоз, што потенцијално ќе го погоди силно производителот на авиони „Боинг“.
Потоа следуваат машини, автомобили и автоделови, хемикалии и пластика, медицински помагала и опрема, електрична опрема и индустриски стоки, како и други категории кои се вреднуваат во милијарди евра.
Вкупната бројка е помала во споредба со претходниот предлог за воведување контрамерки за американска стока во вредност од 95 милијарди евра.
Европската комисија го објави новиот список во понеделник, откако Трамп минатиот викенд се закани дека ќе воведе универзална царина од 30 проценти на извозот од ЕУ од 1 август, доколку не се постигне трговски договор.
Комисијата им објасни на земјите-членки на ЕУ дека изборот на американски производи за царинење се базира на неколку критериуми, се наведува во документот.
Прво, се наведува „потребата од ребалансирање и изедначување на условите за игра во светлината на американските тарифи што влијаат врз извозот на ЕУ во САД“.
Потоа се зема предвид дали постои „достапност на алтернативни извори на снабдување во или надвор од ЕУ“, пишува Политико.
Конечно, вклучени се и „производи со висок ризик од преместување на производството“.
Земјите-членки на ЕУ ќе мора официјално да ги одобрат овие мерки за да стапат во сила. Гласањето сè уште не е закажано, иако министрите за трговија на ЕУ ја поддржаа преговарачката стратегија на Комисијата претходно во понеделник.
Во меѓувреме, Европската Унија се обидува да постигне деликатна рамнотежа помеѓу попуштањето и одмаздата против најновите закани за царини на Трамп.
Првата рунда мерки, која опфаќа американска стока во вредност од 21 милијарда евра, беше одложена до 6 август за да се овозможи простор за преговори за трговски договор.