ОДЛИЧЕН “БИЗНИС“ НА КРЕМЉ ВО СРЦЕТО НА ЕВРОПА – Русија изнајмува станови во Прага, а парите одат директно кај Владимир Путин !?
Русија изнајмува станови во Прага на туристи кои користат веб-страници за изнајмување за да помогнат во плаќањето за војната на Владимир Путин во Украина, потврдија властите од Чешка, пишува The Telegraph.
Владата на Чешка ги замрзна руските средства, вклучително и становите што биле изнајмени на станари кои морале да платат во готово. Употребата на приближно 150 станови, наследство од времето кога Чешка беше зад „Железната завеса“, за комерцијални цели беше контроверзна навика дури и пред инвазијата во 2022 година.
Рускиот лизинг на недвижен имот првпат беше изложен од чешките медиуми во 2019 година.
Медиумите тогаш објавија дека два стана се огласени на Booking.com и на чешки веб-страници, но немало индикации дека агенциите знаеле дека се во руска сопственост.
Прага во средата ја додаде руската владина агенција Goszagransobstvennost на својата национална листа на санкционирани субјекти, на предлог на Јан Липевски, министерот за надворешни работи на Чешка.
Агенцијата управува со руски недвижен имот ширум светот и е директно под надлежност на рускиот претседател Владимир Путин.
Јан Липевски за The Telegraph за време на патувањето во Лондон изјавил:
„Владимир Путин ги контролира средствата, а Владимир Путин е извршител на брутална, империјалистичка војна против Украина“.
„Целта на санкциите е да се забрани употребата на парите собрани од употребата на средства за поддршка на воените активности на Русија против Украина“, тврди тој.
„Мојата земја беше окупирана од Советите и ние немаме интерес повторно да живееме во рускиот свет“, додал Јан Липевски и нагласил: „Така борбата против рускиот империјализам секогаш ќе остане наша вечна борба“.
Новите мерки, кои ги надминуваат постоечките санкции на ЕУ, а тоа значи дека Кремљ нема да може да ги продаде имотите.
Изнајмените имоти, вклучително и неколку станбени блокови, ќе одат на замрзната банкарска сметка, до која Москва нема да има пристап. Секој што ќе продолжи да се обидува да плаќа кирија во готово ќе биде виновен за прекршок, соопшти Владата.
Меѓувладините договори потпишани пред Кадифената револуција во 1989 година велат дека становите може да ги користат само советските вработени, но не и за комерцијални цели.
„Имотот за кој станува збор мора да се користи во согласност со важечките меѓудржавни договори. Не е дозволено да се издаваат на трети лица, на пример преку Booking.com“, истакнал Михал Бучачек, портпарол на министерството, по извештајот од 2019 година дека два стана во улицата „Овенецка“ биле огласени на страницата.
Од Booking.com изјавиле за The Telegraph дека нема да можат да коментираат и дека не знаат за кои станови станува збор и дали се уште се на списокот.
Некои од становите се наоѓаат во богатиот кварт Бубенч во Прага, кој може да се пофали со вили и се наоѓа во близина на центарот на градот.
Станарите велат дека плаќале околу 280 евра месечно во готово за нивната кирија. Еден стан од 54 квадрати им бил понуден на туристи како краткотрајно изнајмување за околу 1.000 евра месечно.
Медиумите од Чешка проценија дека руската амбасада може да заработува стотици илјади евра месечно.
Првиот човек на чешката дипломатија, кој е цврст поддржувач на Украина, одби да открие детали за вредноста на имотот.
Санкциите против агенцијата Goszagransobstvennost се први во ЕУ и министерот за надворешни работи ќе се заложи за Брисел да воведе слични мерки против неа низ целиот блок.
Во замрзнатите средства не е вклучена само руската амбасада, која е предмет на правилата на Виенската конвенција за дипломатски мисии.
Чешка е меѓу најсилните сојузници на Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, пишува The Telegraph.