ОДЛУКА НА СУДОТ – Таткото на момчето-убиец Коста К. останува зад решетки! Откриено зошто му е продолжен притворот за уште 30 дена
Во петокот судија во претходна постапка на Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот на таткото на детето-убиец откако неговиот 13-годишен син изврши масовно убиство во белградското училиште „Владислав Рибникар“ за уште 30 дена.
Момчето Коста К. на 3. мај со пиштолот на својот татко уби еден чувар и осум соученици, а рани една професорка и уште шест ученици, од кои еден ученик подоцна почина во болница поради прострелна рана во главата. Тој беше уапсен истиот ден откако самиот повикал полиција по злосторството и оттогаш е под надзор во специјалното психијатриско одделение за млади.
Полицијата го уапси таткото за тешко кривично дело против општата безбедност, откако беше констатирано дека синот го однел на стрелишта да вежба пукање, а двата пиштоли и муницијата за кои поседувал соодветни дозволи ги оставил во сеф достапен за неовластени лица.
Притворот му е продолжен, меѓу другото и поради тоа што за кривичното дело за кое се товари е предвидена затворска казна над 10 години.
Дополнително, Вишиот суд во Белград денеска соопшти дека начинот на извршување и сериозноста на последиците довеле до општ метеж во јавноста, што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка.
Истовремено, истрага се води и против мајката на момчето, а таа се товари за запуштање и малтретирање малолетно лице.
Владата на Србија во четвртокот по трагедијата во основното училиште „Владислав Рибникар“ донесе одлука за скратување на учебната година во сите основни и средни училишта до 6. јуни.
Училиштата добиваат можност, доколку учениците сакаат, да продолжат со работа до редовниот крај на учебната година на 20. јуни.
Во овој период, како што е наведено во одлуката, може да се реализира дополнителна и подготвителна настава, настава во природа и други облици на воспитно-образовна работа со цел поттикнување на социјалните и емоционалните вештини на учениците и активности на темите толеранција, емпатија, заедништво, поддршка и благодарност.