Одрони и поплави во Италија: Падна ѕид од камен во Рим, автомобили затрупани, патишта затворени, луѓе евакуирани

Италија и денеска е под товарот на силно невреме, по силните ветрови и обилните врнежи од саботата, кои предизвикаа големи прекини во сообраќајот во поголемиот дел од земјата.

Ројтерс јавува дека ситуацијата била особено критична во крајбрежниот северозападен регион Лигурија, каде на бројни места се забележани свлечишта и поплави.

Во Џенова десет лица се евакуирани од старечки дом и превентивно однесени во болница.Невреме во Италија

Поради одрони и поплави мораше да бидат затворени неколку патишта и подвозници. Околу 100 луѓе останаа изолирани во Молина ди Триора, во близина на Империја, поради лизгањето на земјиштето.

Во Пиемонт, обилните снежни врнежи во областите над 1.000 метри надморска височина предизвикаа прекин на електричната енергија во неколку области, додека 30 патишта мораа да бидат затворени поради опасност од лавини, одрони и поплави.

Во соседна Ломбардија обилен снег падна во Валтелина и Валчиавена, во провинцијата Сондрио, а пожарникарите интервенираа 150 пати поради невремето, особено во провинциите Бреша, Милано, Кремона и Мантуа.

Камен ѕид долг 25 метри се урна во Рим.

Во урнатините биле затрупани четири автомобили, но повредени нема.