Од вчеравечер продолжи да гори боровата шума во близина на тетовско Милетино, пожарот активен и утринава
– Во петокот во вечерните часови продолжи да гори боровата шума на планината Сува Гора, пожар за кој од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека бил изгаснат дента во периодот од 11 до 17 часот. Мештаните од Милетино се најблиску до овој пожар и затоа самите се обидуваат да го гаснат огнот.
-Од доцна попладне и вечерва цело време одиме до шумата и се обидуваме самите да го изгаснеме пожарот. Мора преземат надлежните нешто, се шири уште повеќе, алармираа жителите на Милетино.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека утринава сè уште е активен овој пожар каде што гори борова шума и ниска вегетација.
– Ветрот го разгорел на места и внатре во изгореното, но и на работ на опожареното зафатил и нов простор. Дежурните ја следат ситуацијата, но ноќе секогаш не може да се интервенира, информираа од ЦУК.
Вчера Центарот за управување со кризи информираше дека во гасењето на пожарот освен пожарникарите учествувале и три противпожарни авиони „Ер-трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, како и вработени во Национални шуми.