Од дебарското муфтиство на аџилак заминуваат 100 верници, најголема бројка досега

 Од Дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и општина Маврово и Ростуше, годинава во посета на светите места Мека и Медина, каде се реализира петтиот столб на исламот-аџилакот ќе заминат 100 верници, што е најбројна група досега.

– За исполнување на петтиот столб од исламот, од нашето муфтиство ќе заминат 100 аџии, што е најголема бројка до сега. Со нив во придружба се и четворица водичи за аџиите и еден лекар. Тргнувањето е во две групи на 5 и 6 јуни од Дебар, до скопскиот аеродром, од каде заедно со други верници ќе патуваат со чартер летови, рече за МИА, Решат Качалнику, муфтија.

Во изминатите години бројката била многу помала. Така, минатата година на аџилак заминале 30 наспроти претходната, кога биле 12 верници.

Како што вчера информираше за МИА, Ирсел Јакупи, генерален секретар на Исламската верска заедница годинава на аџилак ќе заминат 2020 верници од нашата земја, што е речиси идентична бројка со онаа од минатата година. Верниците ќе патуваат од 4 до 10 јуни со авионски чартер летови.

Големиот празник Курбан Бајрам, годинава се паѓа на 16 јуни а секогаш се слави четири дена.