Од денес оваа земја претседава со Европската унија: „Светот што ни даде слобода и просперитет повеќе не може да се зема здраво за готово“
Данска денес го презеде претседателството со ЕУ и во текот на следните шест месеци ќе работи на зајакнување на безбедноста и конкурентноста на Европа и ќе промовира проширување врз основа на заслуги за кандидатите и ќе ја подготви Унијата преку внатрешни реформи.
Ова е осмото ротирачко претседателство на Данска со ЕУ, под слоганот „Силна Европа во светот што се менува“.
Понатамошното проширување е геополитичка неопходност и тоа е единствениот начин ЕУ ефикасно да придонесе за стабилизација на европскиот континент и зајакнување на отпорноста на земјите ранливи на несакани надворешни влијанија, според делот од програмата на данското претседателство со ЕУ што се однесува на општите работи.
„Затоа, данското претседателство амбициозно ќе работи на промовирање на проширувањето на Унијата врз основа на заслуги и ќе ја подготви ЕУ за проширување преку внатрешни реформи“, се наведува во соопштението и се додава дека, соодветно на тоа, претседателството ќе ги унапреди преговорите за проширување со Украина, Молдавија и Западен Балкан.
Во програмата, исто така, се наведува дека проширувањето е тесно поврзано со напорите за почитување на основните вредности на демократијата и владеењето на правото.
Данската премиерка Мете Фредериксен во својата поздравна порака рече дека повеќе од кога било е потребно да се изгради уште посилна и побезбедна Европа, способна да ја брани демократијата, да се вооружи Европа и да се зголеми поддршката за Украина.
„Ова е одлучувачки момент за Европа. Светот што ни даде слобода и просперитет повеќе не може да се зема здраво за готово“, рече Фредериксен.
Данскиот премиер рече дека безбедноста се однесува и на миграцијата и дека се потребни нови решенија за овој „голем предизвик за социјалната рамнотежа на општествата“.
„Европа мора да се натпреварува на глобално ниво. Помалку оптоварувања, стратешки инвестиции и зелена транзиција се двигатели на развој и работни места“, рече Фредерискен.
На веб-страницата на данското претседателство се наведува дека ЕУ се соочува со нов меѓународен поредок обележан со неизвесност, глобална стратешка и економска конкуренција и растечко ниво на конфликт. Затоа, како што е посочено, ЕУ мора да биде способна да дејствува независно.
„Силата на ЕУ лежи во европското единство, цврстите економски темели, стабилните демократии и социјално избалансираните општества, меѓу другото. Оваа сила мора понатаму да се развива и да се користи за промоција и одбрана на европските интереси и меѓународниот правен поредок“, според веб-страницата на данското претседателство со ЕУ.
Се нагласува дека данското претседателство ќе работи за силна и решителна ЕУ која ја презема одговорноста за својата безбедност и јакнење на својата конкурентност. Ова бара ЕУ да премине од зборови на дела, се додава во соопштението.
Како што е наведено, во однос на зајакнувањето на конкурентноста, данското претседателство ќе се фокусира на поедноставување на агендата и потребата од подобро и поедноставно законодавство на ЕУ. Исто така, ќе работи на зајакнување на врските со Велика Британија и другите западноевропски земји кои не се членки на ЕУ.
Фокусот на претседателството ќе биде зајакнување на отпорноста на ЕУ на сегашните и идните кризи.
Исто така, се наведува дека зелената транзиција е клучна за градење побезбедна и поконкурентна Европа.
Официјалната церемонија по повод преземањето на претседателството ќе се одржи на 3 јули во Архус, на која ќе присуствуваат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и европските комесари.
На крајот од годината, Данска ќе му го предаде претседателството со ЕУ на Кипар.