Оценката на учесниците на брифингот го повторува она на што во последните недели алудираше генералот Марк Мајли, претседател на Здружениот Генералштаб.
Украинските сили веројатно нема да можат да го ослободат Крим од руските трупи во блиска иднина, изјавија четворица високи претставници на американското Министерство за одбрана на претставниците на Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом на доверлив брифинг . Оценката сигурно ќе ги фрустрира украинските власти, кои враќањето на полуостровот го сметаат за една од нивните главни цели, пишува Политико.
Не е јасно што ги поттикна американските власти да ја дадат таа проценка, но тоа е јасен показател дека Пентагон не верува дека Украина има или наскоро ќе има способност да ги протера руските војници од полуостровот што Москва го зазеде пред речиси десет години, пишува Politico.
Повеќето од учесниците на брифингот сметаат дека победата на Украина во офанзивата за ослободување на нелегално анектираната територија не е сигурна. Сите четворица соговорници побараа анонимност за да откријат детали од тајниот брифинг. Меѓу учесниците на брифингот беа Лаура Купер, заменик помошник секретар за одбрана за Русија, Украина и Евроазија, генералот Даглас Симс, директор за операции во Здружениот штаб.
– Нема да коментираме за доверливи брифинзи или да шпекулираме за потенцијални идни операции . Што се однесува до способноста на Украина да се бори и да ја ослободи својата суверена територија, извонредните перформанси во одбивањето на руската агресија и постојаната приспособливост на бојното поле зборуваат сами за себе – рече портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
„Ќе биде тешко да се протера Русија од Крим“
Оценката на учесниците на брифингот го повторува она на што во последните недели алудираше генералот Марк Мајли, претседател на Здружениот Генералштаб.
– Сè уште останувам на ставот дека оваа година ќе биде многу тешко воено да се протераат руските сили од цела Украина, односно од секој сантиметар од територијата. Тоа не значи дека не може да се случи. Тоа не значи дека нема да се случи, но ќе биде многу тешко – изјави тој на 20 јануари во Германија.