ОД 1. ФЕВРУАРИ ПЛАЌАЊЕ САМО ВО ЕВРА! Косово го исфрли од оптек српскиот динар, а веднаш реагираше и Александар Вучиќ
Белград и Приштина се пред нов предизвик во дијалогот за нормализација на односите по одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) дека од 1. февруари единствена дозволена валута на Косово ќе биде еврото, со што динарот се исклучува од плаќање на трансакции во мнозинските српски области.
Платниот систем на Србија функционираше во Косово и по војната во 1999 година во доминантно српски области, а динарите се во оптек преку српската каса во трговијата, српските институции, угостителството и другите приватни услужни дејности.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени во Давос, каде што учествува на Светскиот економски форум, дека најавата на Приштина за откажување на платните трансакции со Србија претставува обид за откажување на дијалогот меѓу Белград и Приштина и обид за прогон на српскиот народ од Косово. Тој изрази уверување дека меѓународната заедница нема да го дозволи тоа, јавуваат белградските медиуми од Давос.
Според соопштението на Централната банка на Косово (ЦБК), единствената валута дозволена за извршување на готовински платежни трансакции – во готовина во платниот систем во Република Косово е еврото.
Размена на валута во Косово ќе биде можна само во институции кои имаат лиценца на ЦБК за овие услуги.
„Сите други одредби кои се во спротивност со оваа регулатива, стапуваат во сила од моментот на влегување во сила на овој правилник“, се вели во соопштението на ЦБК за регулативата, која ќе стапи во сила на 1. февруари.
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во средата во Давос индиректно потврди дека платежните трансакции на Србија ќе бидат суспендирани во Косово. Тој е убеден дека – доколку најавената регулатива почне да се применува – нема да доведе до опасна ситуација и дека ќе се најде решение без „негативни последици“.