„ОКОЛУ 2.000 УАПСЕНИ НА ПРОТЕСТИ ВО ВЕНЕЦУЕЛА“ Мадуро: Ќе бидат осудени на максимални казни

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој според официјалните резултати од изборите одржани на 28 јули доби трет мандат, изјави дека околу 2.000 луѓе биле уапсени за учество во протестите на опозицијата, која тврди дека изборите биле украдени.

Мадуро во саботата во обраќањето пред приврзаниците во Каркас рече дека уапсените ќе бидат осудени на максимална казна, објави Гардијан.

Според различни извештаи, меѓу 10 и 20 лица загинале во судирите со полицијата на протестите по изборите.

Мачадо се обрати на митингот во Каракас

Во меѓувреме, лидерот на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо се обрати на масовниот митинг од десетици илјади луѓе во главниот град Каракас, во саботата, пркосејќи на владините повици за нејзино апсење и изјавувајќи дека владејачкиот режим изгубил секаква легитимност.

Таа оцени дека опозицијата никогаш не била посилна, и дека режимот никогаш не бил послаб и дека опозицијата нема да се откаже од докажувањето дека изборите се украдени, пренесе Би-би-си. Мачадо избегна јавни настапи претходно оваа недела откако го обвини Мадуро за изборна измама и победата на опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес.

Мадуро, пак, најави „максимални казни“ за антивладините демонстранти кои велат дека неговиот реизбор бил наместен.
Мадуро (не) е победник

Државната изборна комисија објави дека Мадуро победил на изборите со 52 отсто од гласовите, без да објави целосен преглед на резултатите од поединечните избирачки места.

Опозицијата рече дека според пребројувањето на гласовите, Гонзалес го победил Мадуро со голема разлика. Победата на Гонзалес на изборите, меѓу другите, ја признаа и САД, Аргентина, Уругвај и Перу, додека Кина и Русија го поддржаа Мадуро.
Седум земји од ЕУ ја повикаа Венецуела да ги објави резултатите од изборите од сите избирачки места

Седум земји-членки на ЕУ, меѓу кои Италија, Франција, Германија и Шпанија, ги повикаа денеска властите во Венецуела итно да ги објават резултатите од претседателските избори од сите поединечни избирачки места за да се обезбеди транспарентност на изборите одржани на 28 јули, соопшти кабинетот на италијанската премиерка Џорџо Мелони.

„Ги повикуваме властите во Венецуела веднаш да ги објават резултатите од сите избирачки места за да се обезбеди целосна транспарентност и интегритет на изборниот процес“, се вели во соопштението на седум земји од ЕУ, вклучувајќи ги Португалија, Холандија и Полска, пренесе Ројтерс.

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г7 минатата недела ја изразија својата солидарност со народот на Венецуела во врска со нивната загриженост дека има измама во објавувањето на изборните резултати.