Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, денес во Тирана изјави дека Берлинскиот процес е одлична платформа за ангажман на ЕУ на Западен Балкан и оти ја покажува посветеноста на Унијата кон регионот.
На заедничката прес-конференција со шефовите на дипломатиите на Германија и Албанија, по средбата во рамките на Берлинскиот процес, Оливер Вархеји порача дека Западен Балкан мора да биде економски интегриран во ЕУ пред тие земји да станат членки на Унијата.
„Мислам дека Берлинскиот процес беше и ќе остане најсигурната платформа преку која го покажуваме нашиот интерес за регионот. Овде зборуваме за големи политички проекти, но и за проекти кои влијаат на секојдневниот живот на граѓаните и како ќе ја донесеме ЕУ на Западен Балкан“, вели Оливер Вархеји.
По состанокот на министрите за надворешни работи на шесторката од Западен Балкан и неколку членки на ЕУ, како дел од подготовките за самитот на Берлинскиот процес во Тирана на 16. октомври, шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, кажа дека Унијата сака да оди рамо до рамо со Западен Балкан на патот кон ЕУ.
„Да чекориме заедно по патот кон ЕУ, време е да ги исполниме ветувањата што ги дадовме“, вели Аналена Бербок.
Таа изјави дека срцето на Берлинскиот процес е соработката во рамките на регионалниот пазар и додаде дека се работи за конкретни работи во секојдневниот живот на луѓето.
Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани, кој претседаваше со денешната средба, изјави дека е неопходно да се инвестира во намалување на јазот во економскиот развој меѓу Западен Балкан и ЕУ.
Игли Хасани вели дека тоа ќе помогне да се подготват економиите во регионот за интеграција во единствениот пазар на ЕУ.
Тој наведе дека фокусот на претстојниот самит на Берлинскиот процес главно ќе биде ставен на подобрување на економските перформанси на Западен Балкан и додаде дека на маса има неколку предлози кои би требало значително да го подобрат економскиот развој на регионот, во согласност со планот претставен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Покрај Игли Хасани на денешната средба учествуваа шефовите на дипломатиите на Србија, Косово, Македонија и Босна и Херцеговина, Ивица Дачиќ, Доника Гервала, Бујар Османи и Елмедин Конаковиќ, како и вршителот на должноста министер за надворешни работи на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.
Освен Аналена Бербок, во Тирана имаше и претставници на други членки на ЕУ – Австрија, Грција, Унгарија, Шпанија, Холандија и Романија – како и Регионалниот совет за соработка (РСЦ) и Регионалната канцеларија за соработка на млади (РИКО).
Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која беше иницирана во 2014 година со цел да се поддржи мирна, стабилна и демократска иднина на Западен Балкан, за подобрување на регионалната соработка и европската интеграција на регионот.