Оливер Спасовски за настаните од Општина Арачиново: “Преземени се мерките од страна на институциите, тие што прават конфликти нека ги расчистат недоразбирањата“
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, прашан за настаните во Општина Арачиново, посочи дека преземени се мерките од страна на институциите но упати порака до тие што, како што кажа, ги прават конфликтите заради нерасчистени лични интереси. Тој кажа дека граѓаните не можат да бидат заложници на никакви лични или политички интереси.
Спасовски информираше дека два пати се пријавени такви настани и дека се преземени сите неопходни мерки во однос на лицата коишто практично ја нарушуваат безбедноста.
„Во државата во ниту еден момент никој не смее никого да напаѓа ниту да претставува опасност за него, меѓутоа сепак, доколку има лични недоразбирања или какви било мотивации за такви нарушувања, да ги расчистуваат, а институциите да функционираат нормално во интерес на граѓаните“, истакна министерот Спасовски.
Во однос на прашањето за токму сличниот одговор од претходно во однос на истото прашање, околу тоа како сами да ги расчистуваат тие недоразбирања, дали би требало да има полициска интервенција во тој однос или дали министерот со ваквата изјава праќа порака до коалицискиот политички партнер, Спасовски кажа дека во однос на активностите коишто ги презема полицијата секогаш се преземаат мерки и се поднесуваат и кривични пријави во однос на настаните, а и обвинителството презема мерки околу тоа.
„Во делот на институциите, тоа е нешто што е преземено. Пораката не ми е до политичките структури или кого било, пораката ми е до тие што ги прават конфликтите. Ова не е прв конфликт во општината и тоа е, според нашите сознанија, заради нерасчистени лични интереси. Затоа упатувам апел дека граѓаните не можат да бидат заложници на никакви лични или политички интереси“, истакна министерот за внатрешни работи додавајќи дека таквите недоразбирања треба да ги расчистат тие коишто таквите односи ги креирале на општината.