Оливер Спасовски: “Не смееме да ја доведеме државата во услови на изолација“

Државата не смееме да ја доведеме во услови на изолација токму сега кога е вистинскиот момент и кога заради моменталните гео-стратешки политики можеме да ја искористиме шансата и да имаме забрзување на евроинтеграциските процеси на државата и на целиот регион. Најважно е да имаме опција која може да ја води државата напред, а тоа е европската опција“, порача вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Европската перспектива на државата е единствената опција која ја имаме и нема друга алтернатива. Оние кои на било кој начин се спротивставуваат на европската интеграција на државата немаат аргументација зошто тоа го прават. Оние, пак, кои сметаат дека местото на Македонија е во Европската Унија и кои не сакаат да ја кочат на тој пат треба да бидат тие кои треба да ја предводат“, вели Оливер Спасовски во вестите на ТВ Канал 5 и додаде дека мора да се поддржи единствената опција која ја имаме.

Нагласи дека мора да се направат сите напори и да се искористат сите политички механизми и дека се тоа мора да се прави преку дијалог и посочи оти се уште има простор да се разговара понатаму и да се продолжат разговорите за уставните измени.

Сосема е чиста ситуацијата и сосема се јасни ставовите кои ги има државата, а не Владата. Зборуваме за ставови кои се утврдени со декларација на Собранието на Република Северна Македонија и затоа нема никаков страв од било што. Не можете декларативно да кажете – ние сме за членство на државата во ЕУ и при тоа да не правите ништо што ќе придонесе кон тоа, туку напротив секогаш кога ќе се пружи шанса државата да исчекори напред, вие да ја враќате повторно назад“, потенцира Оливер Спасовски.

Оливер Спасовски

Порача дека се уште се отворени за формирање на влада за национален спас.

Сите опции за создавање на таква влада за кои можеме да разговараме за нас се отворени заради тоа што сметаме  дека нема поважен интерес од иднината на државата и на граѓаните. Ниту една политичка опција, ниту еден политичар, ниту еден партиски интерес не може  да биде поголем од интересот на Македонија и на граѓаните“, кажа Оливер Спасовски.

Прашан дали ќе биде кандидат на СДСМ за претседател на државата на изборите што треба да се одржат следната година и иден претседател на партијата, Оливер Спасовски вели дека не сака да дава хипотетички одговори на хипотетички прашања.

Можеме да се изнаслушаме многу калкулации и шпекулации кои излегуваат во овој период. За сите прашања треба прво да се разговара во политичките партии и одлуките кои ги носат органите на партијата треба првенствено да бидат во интерес на државата, а понатаму во интерес на партијата. Тоа се хипотетички прашања и не сакам да дадам хипотетички одговор за хипотетички прашања. За тоа ќе разговараме во партијата и потоа ќе има конкретен и конечен одговор“, посочи Оливер Спасовски.