– Најмалку 11.300 луѓе загинаа, а над 10.000 се водат како исчезнати во поплавите што го зафатија источниот либиски град Дерна, соопштија Обединетите нации (ОН).
Во соопштението, Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања (OCHA) истакна дека околу 170 луѓе загинале вон градот Дерна во поплавите предизвикани од медитеранската бура Даниел.
Според Канцеларијата на ОН, над 40.000 луѓе се раселени низ североисточните области на Либија од почетокот на разорните поплави кои се случија на 10 септември.
„Овие бројки се очекува да пораснат, а екипите за пребарување и спасување неуморно работат на пронаоѓање на преживеани“, соопштија ОН.
Извор од либиската Црвена полумесечина, пак, за Анадолу изјави дека преживеани се илјадници и се засолнети во училиштата.
„Тешко е точно да се изброи бројот на преживеани бидејќи многу од нив се преселени во домовите на роднини во други градови“, додаде тој.
Дерна беше најтешко погодена од поплавите откако пукнаа браните во градот.
Спасувачките операции се во полн ек во крајбрежниот град за потрага по преживеани.