“ОН МОРА ДА СЕ СПРОТИСТАВАТ НА РУСКАТА АГЕРСИЈА!“ – Џо Бајден со неколку моќни пораки во неговото обраќање: “САД мора да го водат светот во овие моменти“
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, ги повика земјите-членки на Обединетите нации да застанат заедно против Русија, наведувајќи дека Москва е единствената која стои на патот на мирот.
„Руската цена за мир е капитулацијата на Украина, украинската територија и украинските деца“, посочи Џо Бајден во говорот.
„Суверенитетот и човековите права се клучни делови од повелбата на ОН, а во ОН мора да се спротивстават на голата агресија на Русија“, нагласи Џо Бајден во своето обраќање на годишното заседание на Генералното собрание ОН, пренесува BBC.
„Разбирам дека должност на мојата земја е да води во овој критичен момент“, вели американскиот претседател.
Во своето обраќање до светските лидери, Џо Бајден додаде дека САД сакаат побезбеден, попросперитетен, поеднаков свет за сите луѓе, бидејќи како што вели – „нашата иднина е поврзана со вашата“.
Тој посочи дека годишното собрание на ОН втора година по ред е во сенка на војната, за која е одговорна Русија, без никаква провокација.
„Русија верува дека светот ќе се измори и ќе дозволи да врши насилство во Украина без последици. Но, ве прашувам следново: ако ги напуштиме клучните принципи на Повелбата на ОН за да го смириме агресорот, дали секоја земја-членка може да се чувствува уверена дека е заштитена. Ако дозволиме Украина да се подели, дали независноста на која било земја е безбедна“, праша Џо Бајден и веднаш одговори: „Не“
„Затоа САД, заедно со своите сојузници и партнери ширум светот, ќе продолжат да го поддржуваат храбриот народ на Украина додека го бранат својот суверенитет и територијален интегритет – и нивната слобода“, нагласи Џо Бајден.
Џо Бајден зборуваше и за егзистенцијалната закана од климатските промени за светот.
Наведувајќи ги неодамнешните природни катастрофи, од топлотните бранови во САД и Кина, пожарите во САД и Европа, сушите во Африка и поплавите во Либија, Џо Бајден кажа дека заедно укажуваат што го чека светот доколку не се намали зависноста од фосилните горива.
Тој, исто така, предупреди на опасностите од вештачката интелигенција, велејќи дека треба да биде „безбедна“ пред да биде објавена во јавноста.
Тој посочи дека владите треба да управуваат со оваа технологија, а не обратно.
„Мораме да бидеме сигурни дека овие алатки се користат како можност, а не како оружје за притисок“, тврди тој.
Тој се осврна и на односите на САД со Кина, велејќи дека САД бараат „одговорно управување“ со тие односи.
„Кога станува збор за Кина, сакам да бидам јасен и доследен. Сакаме одговорно водење на натпреварот меѓу нашите земји, за да нема конфликт“, заклучи Џо Бајден.