Најмалку 21.000 палестински деца станале инвалиди од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, соопшти денес Комитетот на Обединетите нации за правата на лицата со инвалидитет (ЦРПД).
Палестинското Министерство за здравство, пак, соопшти дека 18.592 деца се убиени од почетокот на војната, додека 121 дете починало од глад.
Податоците од Палестинското централно биро за статистика покажува дека 39.384 деца во Газа изгубиле еден или двајцата родители, од кои 17.000 ги загубиле и мајката и таткото.
Околу 45.500 деца претрпеле повреди предизвикани од војната, од кои половина станале инвалиди, додаде панелот на експерти на ОН што се состанува двапати годишно во Женева.
ЦДРП истакнува дека Израел мора да спроведе посебни мерки за заштита на децата со инвалидитет од напади и да спроведе протоколи за евакуација, земајќи ги предвид лицата со инвалидитет.
Инаку, според ЦРДП, израелските повици за евакуација во Газа честопати не стигнуваат до луѓето кои страдаат од оштетување на слухот или видот, што ја прави евакуацијата невозможна.
Експертите посочуваат на друг проблем поврзан со евакуацијата, а тоа е што лицата со попреченост се принудени да бегаат во опасни и недостојни услови, како што е лазење низ песок или кал без помагала за движење.
Лицата кои страдаат од одреден степен на попреченост, истакнува ЦРДП, исто така страдаат непропорционално од недостиг на храна, вода за пиење и санитација и се зависни од други за да преживеат.
Одборот соопшти дека е информиран дека најмалку 157.114 луѓе биле повредени од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година до 21 август 2025 година, при што повеќе од 25 проценти се изложени на ризик од доживотна попреченост.