Опасен пожар во близина на границата со Грција: се слуша пукање од муниција, постои опасност од неоткопани гранати

Пожар се шири во близина на границата со Грција. Од Центарот за управување со кризи велат дека пожарот се развива на непристапен и тежок терен и дека ситуацијата е опасна бидејќи се слуша пукање од муниција и постојат сознанија за можни неоткопани гранати во реонот.

Пожарот е во село Бешиште (општина Новаци), а изби во саботата. Гори сува трева, како и делови од борова, дабова и букова шума. Пожарот е активен на два краци во месноста Уров, во атарот на с. Бешиште и во насока кон с. Градешница, општина Новаци

„Пожарот се шири кон границата со Грција. На терен интервенираат: 5 пожарникари со 1 возило од ТППЕ Прилеп и 3 лица од ШС „Црн Бор“ – Прилеп со 1 возило опремено со пумпа“, соопшти ЦУК.

За настанот се известени сите надлежни служби, меѓу кои: РЦУК Прилеп, ЕЛС Прилеп, ДЗС Прилеп, СВР ПС Прилеп, ПС Новаци, ШС „Кајмакчалан“ од Битола, ТППЕ Битола и ДЗС Битола. Известен е и инспектор од ДЗС.

За пожарот во Визбегово, Скопје, пак, од ЦУК информираат дека е ставен под контрола.