Опасната игра на Трамп: „Уништување на доларот и светската економија?!“

Американскиот претседател Доналд Трамп се впушти во агресивна економска стратегија која може да го ослаби доларот, но и да го загрози неговиот статус на доминантна светска валута.

Според економистот Џефри Френкел, планот на Трамп, познат како „Договорот Мар-а-Лаго“, е ризичен обид за девалвација на доларот со цел да се подобри трговскиот биланс на САД. Сепак, експертите предупредуваат дека последиците може да бидат катастрофални – не само за САД, туку и за глобалната економија.

Нова верзија на Плаза договорите – без сојузници

Администрацијата на Трамп се обидува да го повтори она што беше направено во 1985 година, кога САД и другите водечки светски економии го постигнаа договорот Плаза за координирана интервенција за девалвација на доларот. Тој договор беше успешен бидејќи имаше поддршка од клучните американски економски партнери.

Сепак, верзијата на Трамп, „Договорот Мар-а-Лаго“, е фундаментално различна. Наместо договор со сојузниците, овој план вклучува еднострани мерки и притисок врз другите земји, што може да доведе до спротивен ефект – намалена доверба во доларот и можно отфрлање на американската валута на глобално ниво.

Опасни последици за американската економија

Администрацијата на Трамп верува дека послаб долар ќе го подобри извозот на САД и ќе го намали трговскиот дефицит. Сепак, како што предупредува Френкел, таквата стратегија може сериозно да ја загрози стабилноста на американскиот финансиски систем.

Падот на вредноста на доларот би значел пад на побарувачката за американски државни обврзници, што би предизвикало зголемување на каматните стапки и зголемување на трошоците за задолжување на САД. „Ако странските централни банки го намалат купувањето на американски обврзници, нивната цена ќе падне и каматите ќе се зголемат“, предупредува Френкел. Тоа би го отежнало финансирањето на големите буџетски дефицити што Трамп ги планира преку масивни инфраструктурни и воени трошоци.

Дали светот бега од доларот?

Еден од клучните аспекти на стратегијата на Трамп е обидот за реструктуирање на глобалниот монетарен систем. Економистот Золтан Пожар сугерираше дека новиот систем, наречен „Бретон Вудс III“, би можел да вклучи дигитални валути на централната банка (CBDC) и злато како клучни резерви.

Администрацијата на Трамп, од друга страна, планира поинаков пристап – принудувајќи ги странските централни банки да чуваат 100-годишни американски обврзници со нулта камата наместо традиционалните државни записи. „Тоа всушност е реструктуирање на американскиот долг, што е исто како прикриен банкрот“, тврди Френкел.

Покрај тоа, Белата куќа размислува за воведување специјални даноци и „кориснички такси“ за странските инвестиции во американски обврзници, што дополнително може да ги оддалечи странските инвеститори и централните банки.

Трговски закани – тактика која се повторува премногу пати

Администрацијата на Трамп верува дека може да ги принуди другите земји да ги прифатат овие мерки преку закани за царини. Претседателот веќе неколку пати им се закани на Европската унија, Кина и другите економии со нови царини доколку не се согласат со неговите економски услови.

Сепак, според Френкел, овој пристап повеќе го нема истиот ефект како порано: „Трамп премногу пати ја користеше заканата од царини и ја повлече во последен момент. Земјите научија да се прилагодуваат и се повеќе бараат алтернативи за американскиот долар“.

Доколку Трамп продолжи да врши прекумерен притисок, постои реална опасност земјите како Кина, Русија и Индија да го забрзаат процесот на дедоларизација и да се префрлат на тргување со други валути, што може сериозно да го ослаби глобалниот статус на доларот.Долари во куфер

Геополитички последици: Слабеењето на американската моќ

Друг голем проблем со „Договорот Мар-а-Лаго“ е политичката цена што САД би можеле да ја платат. Во минатото, сојузниците како Германија и Саудиска Арабија беа подготвени да ја поддржат американската економска доминација во замена за политичка и воена стабилност.

Сепак, надворешнополитичкиот стил на Трамп, кој се потпира на закани и економски уцени, доведе до сериозно влошување на односите со клучните сојузници. „За разлика од минатите децении, САД веќе го немаат нивото на меѓународна доверба што им дозволуваше да ги диктира глобалните финансиски услови“, истакнува Френкел.

Доколку продолжи сегашниот тренд, позицијата на Америка како водечка економска сила би можела трајно да биде загрозена, а доларот би можел да ја изгуби својата привилегирана улога во меѓународната трговија.

Играта на Трамп со високи влогови

Трамп е решен да го промени глобалниот економски поредок, но експертите предупредуваат дека последиците од неговиот план може да бидат катастрофални. Наместо да ја зајакне американската економија, „договорот Мар-а-Лаго“ може да доведе до слабеење на доларот, зголемување на каматните стапки и губење на глобалната доверба во американскиот финансиски систем.

Ако другите земји решат брзо да бараат алтернативи за доларот, светот би можел да влезе во ера на економска несигурност во која САД би можеле да ги загубат клучните предности што ги имаа со децении.

Дали Трамп навистина ја води Америка кон посилна економска позиција или несвесно ги поставува темелите за слабеење на американската глобална моќ е прашање на кое ќе се одговори во наредните месеци и години.