Опозицијата во Косово ги повика САД да го истражат Албин Курти: “Им служи на непријателските агенди“
Пратеничката од косовската опозициска партија Алијанса за иднината на Косово (ААК), Тиме Кадријај, изрази сомневање дека актуелниот косовски премиер Албин Курти им служи на „непријателските агенди“, поради што побара од Соединетите Американски Држави да спроведат „независна истрага“.
Во објава на нејзиниот профил на социјалната мрежа Фејсбук, Тиме Кадријај наведува дека ААК, на чие чело е поранешниот премиер, Рамуш Харадинај, од поодамна изразила сомневање дека „постои можност Албин Курти да им служи на непријателските агенди“.
„Јавен повик до нашите сојузници – САД, да иницираат независна истрага околу овие теми! Дали има Албин Курти врски со српско-руската енергетска мафија ? Дали стои фактот дека Албин Курти ги одложи двата главни американски проекти во Косово: изградбата на новата термоцентрала и проектот на американскиот газовод, за да ги фаворизира неговите врски преку (екс амбасадорот во Словенија) Мартин Беришај во Србија, па сé до руските олигарси“, напиша Тиме Кадријај.