Општина Дебар објави јавен повик за доделување финансиски средства на здруженија, спортски клубови и физички лица

Општина Дебар и годинава продолжува со доделување финансиски средства за реализација на проекти од страна на здруженија, спортски клубови и физички лица, за што објави јавен повик, на кој заинтересираните потребната документација може да ја достават до први идниот месец.

Целта на повикот е да ја зацврстиме и унапредиме соработката на Општината со спортските клубави, организации и физички лица преку воспоставување партнерски релации и да се потикне решавање на локални проблеми преку поголема вклученост на граѓаните и граѓанските организации, изјави за МИА, Малиќ Диша, одговорен за оваа активност.

Според него, право на учество имаат спортски клубови и здруженија на граѓани регистрирани на територијата на Општина Дебар, фондации и физички лица според законот на здруженија на граѓани и фондации.

– Сакам да нагласам дека здруженијата кои имаат добиено финансиски средства минатата година, треба да достават финансиски извештај за средствата и реализираните активностите во текот на минатата година заедно со потребните образци за аплицирање. Целосниот јавен повик со потребните образеци може да ги најдат на веб-страната на општината www.dibra.gov.mk, додава Диша.

Појаснува дека ќе бидат поддржани активности за подобрување, унапредување и подигање на квалитетот на граѓанскиот живот во општината, потоа животната средина, културата, спортот, социјална заштита, поконкретно поддршка на децата од семејства со неповолна економска состојба и лица со посебни потреби во културно-рекреативни, спортски активности и манифестации, како и поддршка од областа на еднакви можности на мажите и жените.

Според Диш,а минатата година за реализација на проекти на здруженија, спортски клубови и физички лица доделени се 1,5 милиони денари.