Општина Тетово: Не се работи за никаков „главен град“, туку за „центар“ на Албанците во Северна Македонија
– Повеќе реакции предизвика денешната порака преку социјалната мрежа Фејсбук од профилот на градоначалникот на Тетово Биљал Касами напишана само на албански јазик (Mirë se erdhët në kryeqendrën shqiptare në Maqedoninë e Veriut) чиј автоматски превод на мрежата е : Добродојдовте во главниот град на Албанците во Северна Македонија, објавена по повод приемот на дваесетина градоначалници Албанци од регионот.
Од Општина Тетово попладнево испратија дополнителен став со кој градоначалникот Касами обвинува за злоупотреба на неговата порака.
-Не се работи за никаков „главен град“, туку за „центар“ на Албанците во Северна Македонија. Во објавата стои многу јасно тоа што сакавме да го кажеме. Тоа е реалноста, а тие што сакаат да ја злоупотребат, се обидуваат да и дадат друга насока, вели Биљал Касами.
Веднаш по објавата на Фејсбук реагираше општинската организација на СДСМ од Тетово која му порача на Касами дека не треба да фаворизира една етничка група кога зборува за градот.
-Градоначалникот на Тетово Касами очигледно нема ориентација во просторот. Недостојно е за еден градоначалник кој својата плата ја зема од парите на тетовчани кој се и Македонци и Албанци и Турци и Срби, Роми и останати, да споделува вакви ставови фаворизирајќи една етничка група. Да го потсетиме градоначалникот Касами дека на таа функција дојде благодарение на поддршката која му ја даде ВМРО-ДПМНЕ, односно со помош на македонските гласови. Очекуваме и неговиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ да излезе со осуда на ваквите ставови на нивниот градоначалник, се вели во соопштението на СДСМ Тетово.
Реакција имаше и од ВМРО-ДПМНЕ, партија која заедно со Движењето Беса на Касами има мнозинство во Советот на Општина Тетово.
-Со оваа реакција на неговата објава ние како Општински комитет на ВМРО – ДПМНЕ Тетово сакаме да укажеме дека градоначалникот на Тетово треба да е свесен дека промоцијата на Тетово како центар на една заедница подразбира дискриминација на Македонскиот народ и сите други кои живеат во Тетово. Тоа ние нема да го дозволиме. Тетово за нас е, и секогаш ќе биде срцето на Македонија и никогаш нема да биде центар само на една заедница. Градоначалникот Касами има мандат да ги следи трендовите на европските градови, а сите заедно сме тука да работиме и да придонесеме Тетово да прерасне во град во кој младите ќе сакаат да живеат а не град од кој си заминуваат. Културата и духот на животот во Тетово подразбираат меѓусебна соработка, почитување и градење на подобри услови за живот на сите кои живеат во Тетово, потенцираа од ВМРО-ДПМНЕ Тетово.
Општина Тетово денеска соопшти дека градоначалникот одржал средба со градоначалниците на општините во Косово, амбасадорот од оваа земја во Скопје и градоначалникот на општина Бујановец Србија на која се разговарало за реализација на заеднички проекти и за продлабочување на соработката меѓу нив. Во Тетово беа 17 градоначалници, кои со Касами посетија повеќе знаменитости како Шарена Џамија, комплексот Арабати баба Теќе и други културни објекти.
Од 31 советник во Советот на Општина Тетово, Движење Беса со 12 и ВМРО ДПМНЕ со четири имаат мнозинство.