Општина Центар распиша јавен повик за доделување субвенции за млади за полагање на возачки испит Б-категорија во автошколи регистрирани на подрачјето на Центар. Овој повик е отворен од денеска и ќе трае до исцрпување на средствата од општинскиот буџет, а најдоцна до 31 декември годинава.
Како што стои во соопштението од Општината, право на субвенција имаат сите млади лица кои во текот на годинава ќе наполнат 18 години, односно кои се родени во 2007 година, а живеат на подрачјето на Општина Центар најмалку една година. Субвенцијата изнесува 10.000 денари и може да се користи единствено за полагање на возачки испит во автошколи кои се регистрирани во Општина Центар.
„Младите лица кои сакаат да управуваат возило мора да имаат возачка дозвола и да бидат одговорни возачи за да можат да учествуваат безбедно во сообраќајот. Возењето без возачка дозвола во Центар е недозволиво. Преку оваа субвенција ќе помогнеме во координација со автошколите од општината да се обезбеди најквалитетна обука за сите млади кои ќе запишат часови. Безбедноста на нашите граѓани, особено на младите е приоритет, да возиме совесно. Вози совесно“, истакнува градоначалникот Горан Герасимовски.
Доставата на барањата се врши во архивата на Општина Центар – Скопје (барака бр. 6), од 09:00 до 15:00 часот, со приложување на следните документи:
-Барање за субвенција;
-Копија од лична карта;
-Копија од трансакциска сметка;
-Доказ за извршена уплата во автошкола;
-Доказ дека автошколата е регистрирана на подрачје на Општина Центар;