Орбан вели дека Унгарија се спротивставува на приклучувањето на Украина кон ЕУ: „Тоа би било економско самоубиство“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека пристапувањето на Украина во Европската Унија би претставувало „економско самоубиство“ за Европа, нагласувајќи дека Унгарија не го поддржува тој процес, ниту забрзаната постапка за нејзино членство.

Орбан ги критикуваше европските лидери, особено Европската народна партија, за нивната одлука дека ЕУ мора „да ја продолжи војната, да ги одржи санкциите и целосно да ја елиминира руската енергија, без оглед на последиците за економијата“, објави агенцијата МТИ.

Тој рече дека Унгарија работи на постигнување мир, бидејќи тоа би овозможило укинување на санкциите, намалување на цените на енергијата и закрепнување на економијата, што би го олеснило животот на унгарските семејства.

Покрај тоа, Орбан предупреди дека забраната за увоз на руска енергија, доколку Брисел успее, може да доведе до „драматично“ зголемување на трошоците за производителите на енергија во Унгарија.

Тој изјави дека унгарските семејства наскоро би можеле да плаќаат двојно повеќе за гас и електрична енергија.

Според него, Унгарија вложила големи напори цените на енергијата за домаќинствата да бидат меѓу најниските во Европа, и покрај трошоците од санкциите против Русија.

Орбан истакна дека моментално греењето на просечна унгарска куќа чини помеѓу 700 и 800 евра, додека во Словачка изнесува околу 1.350 евра, а во Полска дури и до 2.400 евра.

Тој нагласи дека досега Унгарија набавувала евтина енергија од Русија, но дека забраната за увоз на руска енергија би довело до дополнителни трошоци од 1,8 до 2,4 милијарди евра за енергија купена од други извори.

Тој ги повика Унгарците да ѝ помогнат на владата да ги заштити ниските цени на енергијата и да гласаат на изборите оваа година.